Македонија е исправена пред политичко прашање за патот кон Унијата, вели евроамбасадорот Михалис Рокас, кој сепак додава дека е добро што се сретнале министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, а Брисел е подготвен да помогне.
„Охрабрувачко е што сега зборуваме отворено за тоа, првите контакти меѓу двете влади се направени и постои недвосмислена желба во Европската Унија да помогне во овој процес“, изјави Михалис Рокас, евроамбасадор.
Сепак, средбата на министрите заврши така што од бугарска страна соопштија дека нема да влезат во дијалог за заобиколување на францускиот предлог. Во меѓувреме, власта останува на идејата за одложена примена на уставните измени, иако дел од аналитичарите сметаат дека тоа нема да спречи идни блокади.
„Би било наивно да се прават уставни измени, а да ни се случи уште едно неисполнето ветување, затоа сметам дека одложеното дејство е рационален аргумент, којшто би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а Европската Унија да го менаџира тој процес“, изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Уставни измени со одложено дејство нас не ни помагаат да добиеме објективност и предвидливост на процесот“, изјави Марко Трошановски, институт за демократија.
Инаку, многу мал број на граѓани поддржуваат уставни измени, покажува најновото истражување на Институтот за демократија.
„20% од испитаниците се за уставните измени, а останатите се доста поделени помеѓу статус-кво, повлекување од процесот и промена на преговарачката рамка“, изјави Ана Марија Велиновска.
Според истражувањето, поддршка за членство во ЕУ има кај 62% од граѓаните, два отсто повеќе од лани. Скоро стопроцентна е поддршка од симпатизерите на партиите на Албанците и СДСМ, додека пак кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ овој процент изнесува 55. Анкетата е спроведена на 1065 испитаници, во периодот од октомври до декември.