Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Нови Сад – Суботица, животот го загуби македонски државјанин, додека друг е тешко повреден, пренесе Радио-телевизија Србија (РТС).
Несреќата се случила кога патничко возило марка „Киа“ со македонски регистарски таблички, кое се движело во правец кон граничниот премин Хоргош, излетало од коловозот и се превртело. Според информациите, во инцидентот на самото место загинал сопатникот Н.А. (39), додека возачот А.А. (60) се здобил со тешки телесни повреди и е хоспитализиран во болницата во Суботица, каде што му се укажува лекарска помош.
На местото на несреќата извршен е увид од страна на сообраќајната полиција и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Суботица. Причините за несреќата сè уште се испитуваат.