23.8 C
Skopje
Saturday, June 19, 2021

3.200 граѓани на чекор до државјанство

Најчитани вести

Околу 3.200 граѓани ќе почекаат до петок да видат дали ќе добијат државјанство откако денеска премиерот Зоран Заев и лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши оценија дека е направен сериозен исчекор за договор за Законот за државјанство. АА-А ги повикаа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица уште денеска да ги повлечат амандманите на Законот за државјанство, а за возврат албанската опозиција ќе ги повлече амандманите на петтиот антикризен пакет мерки.

– Експерти од МВР во петок треба да го стават на хартија договореното и веќе од понеделник Законот да влезе во собраниска процедура, а со тоа и да се одблокира работата на Собранието. Според мене, ова беше исклучително успешна средба, направен е сериозен исчекор, разговаравме за сите отворени прашања и најдени се механизми за наоѓање решенија – рече Заев по средбата.

Заев оцени дека анализите помогнале да се види колку граѓани немаат државјанства и колкумина се со природување. Решенијата ќе се бараат во намалување на годините за стекнување на државјанство според европските пракси. Кај нас тој период е 8 години. Заев рече дека има европски држави каде државјанство се добива за 7, 6, 5 години… и од просекот ќе се утврдат годините за државјанство. Според Заев, станува збор за 2.727 барања за 3.200 државјанства. Од нив 1.500 се граѓани кои не се родени тука, 800 се таканаречените фантоми, односно граѓани кои се родени тука, но никогаш не добиле државјанство. Останатите се по основ на брак, живеат во државата и може да добијат државјанство. Премиерот е убеден дека договорот за Законот ќе предизвика повлекување на амандманите за деблокирање на законите.

– Го чекам првиот исчекор за петтиот пакет мерки да биде денес, утре, задутре. Ќе чекаме сите да се договорат за Законот за државјанство, односно тој да биде донесен со консензус – изјави Заев.

Села рече дека се на добар пат да најдат заедничко решение за проблем кој е присутен повеќе од три децении.

– Со наоѓање решение ќе направиме добар потег како држава. Водени сме како коалиција и во градење на демократските капацитети. Една држава е демократска колку што ги почитува човековите права. Решавањето на овој проблем нѐправи чекор напред кон демократските држави – рече Села.

Коалицискиот партнер Гаши оцени дека средбата била многу вредна.

– Ако се постават правилни начела, ако има можност и желба, може да се најде решение. Нашето барање беше конструктивно и не сакавме некој да биде оштетен, како што се случи со блокирањето на законите во Собранието. Ја повикувам македонската опозиција да ги повлече амандманите на Законот за државјанство и заедно со нас да го деблокираме Собранието. Ако тие го направат тоа, ние сме спремни да ги повлечеме амандманите за петтиот пакет мерки – рече Гаши.

Гаши верува дека законот ќе биде прифатлив за сите и сите парламентарни партии ќе го поддржат. Тој додаде дека ако има потреба тие се подготвени за ова да разговараат со ВМРО-ДПМНЕ и со Левица.

Села потврди дека се откажале од барањето државјанство да може да се добие со тројца сведоци. Тој рече наместо сведоци, граѓаните ќе треба да достават документ како свидетелство, сметка за платена струја и друго, за да може да докажат дека живеат тука.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести