Ултимативната изведба на Corvette е хибриден хипер-автомобил кој е врв на американскиот автомобилски инженеринг и има 1250 коњски сили!
Океј, што добивате ако го искомбинирате моќниот погон на Corvette ZR1 со електромоторот од Corvette E-Ray? Океј, океј, математиката не толку едноставна, но да започнеме таму. Она кое го добивате е хибриден хипер-автомобил со погон на сите четири тркала кој кон асфалтот испорачува 1250 коњски сили и (непотврдени) 1320 Nm вртежен момент!
Сега за сега, не се официјално потврдени перформансите, но според познавачите можеме да очекуваме забрзување до 100 километри за околу 2 до 2.2 секунди. Односно, со таканаречениот rollout, ZR1X би требало да забрзува до 100 километри на час за помалку од 2 секунди.
Секако, тоа се должи на погонот на сите четири тркала (електромоторот е задолжен за предната оска), додека другите перформанси се резултат на импресивниот аеро-пакет и многуте доработки кои се дело на инженерите на Chevrolet и GM.
Батеријата е исклучително мала – само 1.9 kWh – но системот е темелно преработен за да испорача врвни перформанси. Батеријата се полни преку системот за регенерација на предната оска и нема никаква физичка врска меѓу двата погони. Самата батерија е поставена ниско, во „рбетот“ на ZR1X – со тоа и тежината е пониско, а и се зацврстува целата шасија.
Од Chevrolet гордо кажуваат дека ZR1X е врвниот израз на тековната платформа. Додаваат дека може да биде комфорен секојдневен крузер, вистинска праволиниска ракета, но и „оружје“ на тркачките патеки. Секако, ќе се нуди како купе или кабриолет, а ќе го добие и освежениот ентериер кој Chevrolet неодамна го претстави.