Home » Мицкоски: Да бидеме оптимисти за ЕУ, убеден сум дека ќе успееме

Мицкоски: Да бидеме оптимисти за ЕУ, убеден сум дека ќе успееме

by Журнал.мк

Да бидеме оптимисти – вели премиерот Христијан Мицкоски говорејќи за деблокада на евроинтегративниот процес, преку гаранции дека ќе нема нова билатерализација. Тој оптимизмот го темели на средбите со странските државници, меѓу кои и со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Патот на Македонија до полноправно членство во Европската Унија ќе биде широко отворен и ќе се вреднува врз основа на постигнувањата и компетенции, а не поради билатералните прашања и убеден сум дека ќе успееме во сето тоа. Јас мојот оптимизам го темелам врз основа на сите оние средби што еве речиси пет месеци ги имам откако сме во Влада“, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Од Кабинетот на Макрон претходно соопштија дека Франција ќе ја поддржи Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, но во согласност со меѓународно преземените обврски. Слична порака неодамна испрати и кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос.

„Ние очекуваме земјата-кандидат Северна Македонија да го промени Уставот, како што е ветено. Ништо повеќе, ништо помалку“, изјави кандидатката за еврокомесар Марта Кос.

„Јас ја разбирам еврокомесарката во својата изјава. Сепак таа требаше да го помине сослушувањето на коешто требаше да гласаат и европратеници од нашиот источен сосед“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од друга страна, спикерот Африм Гаши, во интервју за МИА, не одговори конкретно на шпекулациите дека процесот на уставни измени може да започне до крајот на годинава.

„И можеме и не можеме да кажеме… Ако нешто не зависи од нас, не можеме да тврдиме дека ќе има или не. Кога ќе има, јас се надевам ќе бидам известен и веднаш ќе ја започнеме процедурата“, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Од Кабинетот пак на бугарскиот претседател Румен Радев истакнаа дека на средба со Бугари од Македонија тој споделил очекување дека државниот врв во Скопје наскоро ќе ги вклучи Бугарите во Уставот на земјата и ќе продолжи со имплементација на билатералниот Договор за добрососедство, кој, како што соопштија, е составен дел од преговарачката рамка.

 

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk