Бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, остварила телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, објави софискиот весник „24 часа”, повикувајќи се на информации од Стејт департментот.
Целта на разговорот меѓу Генчовска и Блинкен била дестабилизирачкото натрупување руски војници на границата со Украина, а се разговарало и за потребата од изградба на единствен став за заштита на земјите од НАТО.
Државниот секретар Блинкен ја потврдил посветеноста на САД да го активира членот 5 од Договорот на Алијансата, што предвидува заедничка одбрана во случај на војна.
Разговорот бил дел од општата дискусија што Блинкен ја имаше со министрите за надворешни работи на земјите таканаречената Група од деветте од Букурешт (Б-9) – Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Литванија, Летонија, Полска, Романија и Словачка. Разговорот се одвивал на барање на американската страна, се дознава од официјалното соопштение на Стејт департментот.
Блинкен ја истакнал посветеноста на САД за натамошните тесни консултации и координација со сите трансатлантски сојузници и партнери додека се работи на деескалацијата преку воздржаност, одбрана и дијалог, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Двајцата дипломати разговарале и за „потребата од обединета, подготвена и одлучна позиција на НАТО за колективна заштита на сојузниците, како и за трансатлантската соработка за прашањата од заеднички интерес”.