by Журнал

Групацијата Рено во 2023 година ја зголемила продажбата за 9 проценти, со вкупно 2,24 милиони патнички автомобили од марките Рено, Дачиа, Алпин. По четири години пад во продажбата, францускиот производител повторно расте и најавува дека и во 2024 година ќе продолжи со исто темпо.

Французите имаа пад од близу 6 проценти во 2022 година, кога беа силно погодени од недостигот од микрочипови. Тоа се случи откако на групацијата во 2018 година ѝ успеа да постави рекорд, со продадени 3,88 милиони продадени возила, вклучувајќи ги и доставните модели.

За падот во продажбата на Рено имаше влијание и повлекувањето од рускиот пазар, каде што францускиот производител направи големи вложувања и постигна силно присуство, меѓу другото и преу директна поврзаност со гигантот Автоваз.

За да ја засили продажбата, Рено ја скуси својата понуда од модели и под раководство на извршниот директор Лука де Мео, им се посвети на најпрофитабилните модели и пазари.

„Ја враќаме нашата привлечност … нашиот дизајн се подобрува и тоа го гледаме и преку податоците за освојувањето на пазарот,“ изјави пред новинарите Фабрис Камболив, генерален директор на марката Рено. „Планот е со истите перформанси да продолжиме во 2024 година.“

Матичната марка на групацијата, Рено, којашто учествува со повеќе од две третини во продажбата, постигна раст од 9,4 проценти, со продадени 1,55 милион автомобили во 2023 година. Буџет марката Дачиа напредуваше за 15 проценти, со продадени 658.321 автомобили. Спортската марка Алпин постигна раст од 22 проценти и продаде 4.328 возила.

Бројот на нарачани возила на завршетокот на декември покривал 2 и пол месеци од предвидената продажба на возила за годинава, додаваат од Рено.

Европа учествува со 63 проценти во продажбата во 2023 година. Планот е групацијата да напредува вон Европа, со осум нови модели што се планираат за светскиот пазар до 2027 година.

Моделите со хибриден и електричен погон учествувале со 40 проценти во продажбата на марката Рено лани, што е за два проценти бодови повеќе отколку во 2022 година.

Целосно електричните модели учествуваат со 11 проценти во продажбата.

Групацијата ќе ги објави финансиските резултати за изминатата деловна година на 15-ти февруари. Очекувањата се дека ќе биде постигната оперативна маржа меѓу 7 и осум проценти, споредено со шест проценти преклани.

На прашањето дали нападите во Црвеното Море предизвикале нарушувања во работата, Камболив одговори дека „имаме покриеност за следните осум недели“.

„Потоа не знам што може да се случи“, додаде менаџерот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More