15.8 C
Skopje
Monday, September 20, 2021

12 години затвор за Мијалков, 4 за Јанкулоска, по 15 за Грујевски и Бошковски за случајот „Таргет-Тврдина“

Најчитани вести

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, осуден е на 12 години затвор за предметот „Таргет-Тврдина“ којшто се однесува на масовното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година, како и на уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Нему му се засметува и времето поминато во притвор и во домашен притвор.

Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува за неколку дена.

Освен Мијалков, на уште 10 други обвинети лица за истиот предмет утрово им беше соопштена пресудата. Меѓу нив е ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, која во моментов ја издржува четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“, а која за „Таргет-Тврдина“ доби 4 години затвор поради злоупотреба на службената должност и овластување.

На поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, му беше соопштено дека ќе одлежи 6 години затвор поради злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.

Затворска казна од 3 години доби и началничката Надица Николиќ, која Обвинителството ја посочуваше како една од тројцата создавачи на групата што вршела нелегално прислушување, а пресудата ја слушнаа и петмината обвинети вработеи во згаснатата УБК кои во изминатиот период седеа на обвинителна клупа.

На обвинетиот Владимир Варелов му е изречена условна казна од 2 години, а иста пресуда добија и Марјан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Валентина Симоновска.

Пресуда беше соопштена во отсуство на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски од УБК, кои во 2017 година побегнаа од земјава. Тие беа фатени со лажни пасоши во Грција, но грчкиот Врховен суд одлучи да не ги екстрадира во земјава поради аболицијата што ја даде, па потоа и ја повлече поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Грујевски е осуден на затворска казна од 15 години, а исто толку доби и Никола Бошковски.

Во овој предмет, една обвинета, Елена Џиланова, уште претходно призна вина и доби условна казна во времетраење од 6 месеци.

Одлуката во првостепениот суд ја донесе петчлениот судечки совет составен од Џанета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца поротници.

Во воведните зборови, судијката Џанета Бектовиќ истакна дека на над 6.600 корисници на телефонски броеви им се повредени правата.

– Со масовното прислушување потешко се повредени правата на над 6.614 корисници на телефонски броеви. Најзастапени таргети тогаш биле членови на тогашната опозиција СДСМ, универзитетски професори, новинари, како и членови на тогашната власт. Исто така, направена е голема материјална штета со уништувањето на опремата за прислушување. Со право овој предмет го нарекуваат „големиот скандал“. Овој судечки совет направи напор да го заврши овој предмет во најбрз можен рок, и тоа во сложени услови во ек на пандемија со коронавирусот – рече судијката.

Во воведните зборови на судијата Туфегџиќ, тој се соочи со мали проблеми со сопствениот глас, кој, како што самиот рече, одеднаш и ненадејно му се одземал, но по кратко време успеа некако да го стабилизира. Судијата истакна дека мотивацијата за масовно прислушување била да се воспостави целосна контрола врз општеството.

– Не се работи за изолиран случај за злоупотреба, туку се работи за воспоставен и разработен систем на координирана злоупотреба, а голем број лица се прислушувани. Целта била да се воспостави целосна контрола врз целиот општествен живот во државава. Оштетени се новинари, политичари, деловни луѓе, кои имаат влијание во општеството. Мотивацијата и потребата да се воспостави контрола врз општествениот живот добива такви размери што не е доволно да се прислушува само политичкиот противник, туку обемот се проширил и врз најблиските соработници. Злоупотребата се врши не само да се повреди правото на приватност, туку и да се добие бенефит во идниниа заради стекнување предност во иднина. Масовното прислушување се вршело преку опремите и системите на УБК, а особена тежина има тоа што опремата е уништена веднаш откако јавноста дозна дека масовно се прислушувало – рече Туфегџиќ во воведните зборови.

По соопштувањето на пресудите, судијката Бектовиќ рече дека обвинетите кои биле високи функцонери на власта покажале став дека тие се над законот.

– Кога таков функционер ги прекршува зконите, тоа ја урива правната држава. Тие треба да ги почитуваат законите и од нив се очекува најголем степен на одговорност. Тие целосно ја уништиле довербата на јавноста, создавајќи слика за себе како недопирливи. Обвинетите Грујевски и Бошковски побегнаа, а тоа доволно кажува за нивната вина. Актерите се казнети за сè што направиле. Нема недопирливи. Сите граѓани се еднакви пред законот, без разлика дали се функционери или најобични работници. Нема селективна правда. Обвинетите мора да ја надоместат штетата во Буџетот на државата. Оваа пресуда упатува порака во иднина никогаш повеќе ниту еден функционер на власта да не се осмели да стори вакво кривично дело – рече таа.

Пресудите се првостепени, а странките имаат право на жалба до Апелација. Обвинителката Ленче Ристоска, пак, изјави дека Обвинителството успеало да докаже дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com