20.8 C
Skopje
Sunday, June 20, 2021

106-годишна пијанистка од Франција го издава својот шести албум

Најчитани вести

Колет Мејз вели дека започнала да свири клавир кога имала само 4 години, за да ја пронајде топлината во музиката која ѝ недостасувала во строгото родителско воспитување.

Денес, на 106-годишна возраст, седејќи зад еден од 4-те клавири во својот стан во Париз се уште ужива свирејќи го Шуман, Дебиси и Шопен, а се спрема да го издаде својот шести албум.

„Музиката е мојата храна, храна за духот и срцето“, вели Мејз за „Reuters“, родена во 1914 година во семејство од средна класа. Нејзината строга мајка ја школувала дома, а татко ѝ бил сопственик на фабрика за ѓубриво.

Школувањето го продолжила на парискиот конзерваториум „Ecole Normale de Musique“, сместен во 16-от арондисман, а потоа започнала долга кариера како корепетитор во бројни париски музички школи.

Мејз вели дека за флексибилноста на нејзините раце и прсти се заслужни јогата и секојдневното вежбање.

„Доколку престанам да свирам, ќе ми биде потребно нешто со кое ќе ја исполнувам имагинацијата, но мене ми треба нешто опипливо. Вие можеби не можете без слатки, но јас не можам без клавишите од клавирот, моите прсти мора да ги почувствуваат“, вели Французинката која наскоро ќе издаде шести албум.

Тој е веќе снимен и требало да биде објавен уште во април, но пандемијата ги нарушила и одложила плановите. Станува збор за дела од Клод Дебиси и Ерик Сати.

Нејзиниот син единец Фабрис Мејз, роден 1949 година, вели дека неговата мајка е инспирација за бројни луѓе, особено во време на пандемија.

„Нејзината љубов кон музиката и другите го подигнува моралот. Таа и во 107-та година од животот е витална, во добра форма и постојано свири. На тој начин нѝ порачува дека мора да имате страст за она што го правите, но истовремено и да водите грижа за себе. Нејзината љубов кон животот и смислата за хумор мами насмевки на лицата на луѓето околу неа“, вели Фабрис.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести