Home » Што се ботови поради кои Маск се откажа од купувањето на Твитер?

Што се ботови поради кои Маск се откажа од купувањето на Твитер?

by Журнал.мк

Веројатно некогаш сте го слушнале терминот „ботови за социјални медиуми“. Особено ако во последно време ја следите сапуницата за Илон Маск и купувањето на Твитер.

Добивај вести на вибер
Имено, Твитер тврди дека околу пет проценти од сметките на таа мрежа се под контрола на ботови, додека Маск тврди дека бројката е значително поголема и изнесува околу 20 проценти. Се чини дека токму оваа разлика во бројки ја донесе одлуката и го принуди Маск да се откаже (барем привремено) од купувањето на Твитер.

Но, што точно се „ботови“ и за што всушност се работи?

Едноставно кажано, „бот“ е автоматизиран софтвер кој извршува специфични задачи или активности во име на корисникот. Тој корисник може да биде личност или компанија или организација. Ботовите најчесто се користат за испраќање промотивни пораки (без разлика дали се посакувани или не), а на социјалните мрежи се почесто се користат за провокации, поттикнување расправии или промовирање идеја, производ или личност.

Во зависност од тоа како се програмирани, ботовите можат автоматски да следат различни профили на социјалните мрежи, да ретвитаат или споделуваат содржина, па дури и да испраќаат директни пораки (се разбира, најчесто несакани). Тие можат да создаваат лажни лајкови и следбеници, а со својата активност можат да започнат и лажни трендови, дискусии, па дури и кавги.

Така, се споменува употребата на ботови за време на кампањата за претседателските избори во САД, што дополнително го поларизираше електоратот и поттикна расправии и дискусии на социјалните мрежи.

Сепак, не сите ботови се нужно лоши. Некои ботови може да се користат за да ви го привлечат вниманието на нешто, да ве потсетат на важен датум или да ви покажат вести што може да ве интересираат.

Проблемот е што повеќето ботови на Твитер, се од лошиот вид, па наместо да ве запознаат со интересни профили, тие го преплавуваат вашиот ѕид со реклами, лажни информации или сомнителни линкови кои можат да му наштетат на вашиот уред.

Како да препознаете ботови?

Постојат неколку начини кои можат да ви помогнат да идентификувате ботови.

Пред се, потребно е да се внимава на самиот профил од кој доаѓаат сомнителните објави. Со оглед на тоа дека ботовите се креираат во големи количини, луѓето кои ги програмираат, најчесто немаат време да ги пополнат „корисничките“ информации на профилот. Така најчесто профилите со кои управува ботот имаат генеричка фотографија, немаат никакви информации за корисникот, објавуваат многу слични објави, објавуваат во редовни интервали и слично.

Студијата на научниците од Универзитетот во Индијана покажа дека активноста на ботовите се зголемува кога станува збор за одредени теми. Пред сè, станува збор за теми кои предизвикуваат контроверзии и во кои дистрибуцијата на лажни информации (што ботовите ги прават многу добро и многу брзо) може целосно да го промени ставот на јавноста – како што се криптовалути, политички прашања или здравствени проблеми (на пр. пандемија, вакцинација итн.).

За жал, колку и да сме внимателни, тешко дека можеме да избегнеме средба со бот на социјалните мрежи. Но, постојат алатки кои можат да помогнат во нивното откривање. На пример, BotSight е iOS и веб-апликација која работи во Chrome која автоматски ги проверува твитовите додека корисникот се движи низ Твитер и го прикажува процентот на веројатност дека профилот е всушност бот.

Ако вашиот профил на Твитер одеднаш привлече голем број чудни следбеници, можете да извршите ревизија на вашите следбеници со FollowerAudit и да проверите дали навистина сте станале популарни или сте „откриени“ од бот.

Научниците од Универзитетот во Индијана истакнуваат дека е речиси невозможно да се одреди точно колку ботови има на Твитер (и на другите социјални мрежи).

Дури и да може точно да се процени колку лажни сметки има, тоа нема да го реши проблемот со нивното постоење. Важен чекор би било да се признае сложената природа на овој проблем. Ова би им помогнало на социјалните мрежи и политичарите да развијат правилен одговор на овој проблем, истакнуваат научниците од Универзитетот во Индијана.

Во превод, колку и да сте внимателни, нема да можете да избегнете средба со бот. На корисниците им останува да ги препознаат навреме и да реагираат со пријавување или блокирање (во зависност од социјалната мрежа) за да се намали нивното влијание врз другите корисници. И секако, немојте слепо да верувате во се што ќе прочитате на социјалните мрежи. Никогаш не знаеш дали тој пост е човек или бот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More