Home » Шлаканицата е тешка, ама заслужена, друже судија!

Шлаканицата е тешка, ама заслужена, друже судија!

by Журнал.мк

Кога обвиненијата се очигледни политикантски конструкции непоткрепени без докази, судиите што судат во прв степен често пресудуваат на штета на обвинетите, водејќи се од тактиката – нека му ја мисли Апелација. Поснаодливите судии се замислуваат дека се мудри како кралот Соломон и прават некакви јалови компромиси. Судијата Илија Трпков е шампион за донесување такви, навидум „соломонски“ пресуди. Но, тоа веќе не пали. Дојдено е време тој да објасни кој го тера да прави суштествени повреди на кривичната постапка и кој го спречува правилно да го примени материјалното право. Не само со пресудата за лицата обвинети дека се организатори на настаните на 27 април. И не само во тој процес. И не само тој…

На 26 јули 2012 година, под наслов „Осудивте невин човек, друже судија!“, меѓу другото, на судијата Илија Трпков му се обратив со следните зборови:

„Вашата осудителна пресуда е политичка. Можеби Вие и не сте сосема виновни за тоа, но дилеми нема – ова е класичен политички реваншизам и брутална одмазда спакувани во вид на судска пресуда!

Трајко Вељаноски е ‘виновен’ исто толку колку што бил ‘виновен’ и Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, во 1946 година осуден на 11-годишна затворска казна поради наводен обид за бегство во Грција. Ако Апелацискиот суд не ја собори Вашата пресуда, друже судија, Трајко Вељаноски ќе лежи во истиот затвор во кој лежеше и Ченто, а Вие ќе ја понесете ‘славата’ на судиите што го осудија првиот претседател на Президиумот на АСНОМ – Панта Марина, Коле Чашуле (постариот) и Лазар Мојсов.

А јас сум сигурен дека и Вашата пресуда, друже судија, еден ден ќе биде укината како што беше укината и пресудата за Ченто и дека за тоа нема да мора да чекаме половина век“.

И ете, навистина не моравме да чекаме половина век…

Скопскиот Апелационен суд ја укина пресудата за лицата обвинети дека се организатори на настаните во Собранието на 27 април – Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Не ми е баш по волја тоа што Министерството за правда реши да се огласи по повод оваа одлука – бидејќи сметам дека извршната власт ни под разно не смее да коментира судски одлуки! – но морам да нагласам дека беше крајно време некој јавно да ги опомене судиите за суштествените повреди во кривичните постапки и за намерните или ненамерните пропусти при утврдувањето на битните факти за кривичните дела што обвинителите им ги ставаат на товар на обвинетите.

И не мора баш Министерството за правда да го повикува Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена првостепената пресудата. Судскиот совет може и самиот да се сети да поведе постапка, вклучувајќи и дисциплинска, „ако се утврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво“ (цитирам делови од реакцијата на Министерството).

Нејсе…

Ова е тешка шлаканица за судијата Илија Трпков.

Тешка, ама заслужена!

Го следев процесот за лицата обвинети дека се организатори на настаните на 27 април и темелно се запознав и со обвинението и со аргументите на одбраната на Трајко Вељаноски. Напишав неколку написи за овој случај. Јавно изнесов многу сериозни аргументи зошто пресудата мора да биде ослободителна. Сите сведоци на настаните кои дадоа искази во судница, вклучувајќи го и тогашниот пратеник Зоран Заев, не гледаат никаква, а најмалку кривична одговорност кај Вељаноски. Тоа го потврдуваат и сите материјални докази. А сепак, во првостепената пресуда, Трпков ги осуди и него и другите за – тероризам.

Уважувајќи ги жалбите на обвинетите, скопска Апелација оценила дека при постапувањето по овој кривичен предмет се сторени суштествени повреди на кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право, односно Кривичниот законик. Освен тоа, првостепениот суд го повредил и правото на одбрана на обвинетите, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за примената на Законот за амнестија.

Ќе ни објасни ли судијата Трпков кој го натерал да стори суштествени повреди на кривичната постапка?

И кој го спречил правилно да го примени материјалното право?

Не му е ова прва пресуда што му паѓа на Апелација!

Да потсетувам ли на „Ровер“? Патем речено, тоа беше во времето на Груевски…

На Трпков му се случи нешто уште потрагично. Во предметот „Плацеви на Водно“, одлучувајќи после него, скопска Апелација донесе мериторна одлука. Овој пат апелационите судии не му го вратија предметот на повторно судење, туку самите донесоа пресуда. Не е ли тоа уште поголем срам за судија што пресудил во прв степен?

Гледам, сега, при повторното судење во предметот „Таргет-Тврдина“, судијата Трпков пак не ги почитува насоките на Апелација. Тој пак прави суштествени повреди на постапката и мислам дека пак го води процесот кон погрешна примена на материјалното право.

Има ли објаснување за ваквото поведение на овој, но и на повеќе други македонски судии?

Дали тие луѓе навистина не знаат ништо за кривичната постапка и за правото?

Ама не, да не бидеме наивни.

Луѓе од правната фела коишто го познаваат судијата Трпков велат дека човекот правото го има, што се вели, во малиот прст. Друг е проблемот…

Голем дел од нашите судии, во околности кои мене сѐ уште не ми се до крај разјаснети, при водењето на процесите и при пресудувањето, некритички се ставаат на страната на обвинителите и против обвинетите и нивните бранители. А тогаш кога обвиненијата се очигледни политикантски конструкции непоткрепени без докази, кога е јасна „директивата“ дека обвинетите „мора да се осудат“ макар и без докази, судиите што судат во прв степен најчесто пресудуваат на нивна штета, буквално ги препишуваат обвиненијата и кај обвинетите манипулативно создаваат очекувања повисокиот суд да ги укине првостепените пресуди.

Тоа е таа тактика, која не му е туѓа и на Апелациониот суд – друг нека му ја мисли.

Поснаодливите судии прават и нездрави компромиси, а некои се замислуваат дека се мудри како кралот Соломон. Судијата Трпков, на пример, се смета за шампион за донесување такви, навидум „соломонски“ пресуди.

Но, тоа веќе не пали и не смее да пали!

А крајно време е некој јавно да им удри шлаканица и на обвинителите. Тоа се луѓето кои најчесто се „диспечери“ што ги уфрлаат политичките нарачки во „системот“. Колку што се виновни судиите коишто ги кршат постапките и погрешно го применуваат материјалното право, толку, а и повеќе, се виновни обвинителите, чиишто обвиненија потоа паѓаат заедно со првостепените пресуди.

Во овие две-три години интензивно пишувам за текот на повеќе судски процеси иницирани од поранешното СЈО, но и за некои други. Да ви кажам право, се изначитав неиздржани, па и глупави обвиненија. Не мора човек да е правник за да го забележи тоа. Недугавоста на тие писанија просто блика од секој параграф и секој што ги чита може веднаш да сфати дека кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите ги нема ниту во обвиненијата.

Кога прв пат го видов делот од обвинението во кој е „инкриминиран“ Трајко Вељаноски, на пример, не можев да си поверувам што читам. Беше тоа текст од страничка и половина. Откако го прочитав, веднаш му реков на обвинетиот: „Трајко, извини, ама мора да ми ги покажеш и остатокот од обвинението и доказите против тебе, бидејќи не е можно ова да е сѐ“. А сепак, тоа навистина беше сѐ што беше надробено против него од страна на обвинителството. Сите други искази и докази коишто се појавија во текот на постапката, беа во прилог на фактот дека кај Вељаноски нема никаква вина за настаните од 27 април.

Никој досега не го поби тој ноторен факт!

Осудија невин човек!

Да биде работата полоша, Вељаноски не е првиот и на е единствениот невин човек осуден, што се вели, на правда божја!

И тоа во истата судница!

Е нека прости Трпков, ама судија со дигнитет и со професионален интегритет, сепак не смее да си дозволи да донесе таква срамна пресуда, која потоа повисокиот суд целосно ќе ја отфрли како погрешна примена на правото од секој аспект.

Нека простат и Трпков, и судиите како него, но и обвинителите кои се најмногу виновни за ова урнисување на правдата и на довербата во судството, ама треба да знаат дека ќе дојде време кога за вакво поведение нема да бидат доволни реакциите на Министерството за правда и дисциплинските постапки на Судскиот совет. Ќе дојде време кога некој ќе мора да одговара – на суд.

Во една друга колумна за процесот против Вељаноски и другите, напишав: „ Паѓањето на обвинението против Трајко Вељаноски би можело да биде пресвртната точка во конечното отфрлање на тиранија на арбитрерната правда. Време е силно да ја развиеме свесноста дека навистина, како што вели Монтескје, нема поголема тиранија од онаа што се спроведува под штитот на законот и во име на правдата. Тоа не е правда, тоа е сепак тиранија. Време е да ја поддржиме независноста на судот во битката против политичките калкулации и манипулации“.

Јавно го повикувам судијата Илија Трпков добро да размисли за ова, кога повторно ќе им суди на Трајко Вељаноски, на Миле Јанакиески и на Спиро Ристовски, но и во сите други случаи во кои тој ќе ја дели правдата. Не сме ние ни слепи ни глупави. Гледаме како се суди и пресудува и многу добро знаеме во која грмушка лежи зајакот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More