Home » Расприкажаниот, а сепак осамен, руски амбасадор во Скопје

Расприкажаниот, а сепак осамен, руски амбасадор во Скопје

by Журнал.мк

САШО ОРДАНОСКИ

Не мислев дека баш така ќе го извадам од такт „осамениот руски амбасадор во Скопје“, господинот Сергеј Баздникин – или дека барем ќе се случи таква коинциденција со мојата вчерашна колумна. До толку што, со напишани и потоа читани одговори на одличен македонски јазик, да мора ургентно да излезе во централниот дневник на ТВ Сител за елоквентно, по малку и возбудено, 25 минути да ја брани агресивната политика на својата држава кон Украина, а и кон целиот преостанат цивилизиран свет.

Од разговорот дознавме, се разбира, дека политиката на претседателот Путин е за сѐ во право, дека Украинците се главните виновници за руското зло што ги снајде, дека таму Русите ослободуваат, а не освојуваат, и дека Русите внимателно бираат цели за гаѓање и убивање, додека терористичките формации на украинската војска и нивната граѓанска одбрана се виновни за своите цивилни жртви и за разрушувањата на сопствената татковина. Амбасадорот констатира дека против Русија се води „информативен терор“ во светот (во што, претпоставувам, спаѓа и овој текст). Нормално, ни беше појаснето дека мора погрешно да сме запамтиле дека пред некој ден Путин се закани со употреба на нуклеарно оружје, туку дека тоа, всушност, го направиле НАТО и Бајден, Џо.

Во едно интервју, ни заштеди господинот Баздникин барем една недела конзумирање на Раша Тудеј и Спутник. И воопшто не погрешив кога вчера напишав дека се работи за искусен и интелигентен дипломат кој – за разлика од многу негови западни колеги кога овде даваат интервјуа – можете да го обвините за повеќе работи, но не и дека е здодевен. Макар и кога, по ред, си ги чита подготвените телевизиски одговори, од што со своите точни прашања не успеа да го „изремети“ ни колегата Кузмановски кој го водеше разговорот.

Па, сепак, беше по малку тажно да се гледа како врвниот руски претставник во земјава е ставен во ситуација јавно да го брани она што не може да се одбрани. Дури и на овдешните вљубеници во Путин („стотици обични македонски граѓани“ кои дневно испраќаат зборови на поддршка до Руската амбасада) им е јасно кој и што прави во Украина и за што е заслужен, само се во безнадежна потрага по аргументи како тоа да го рационализираат, некако да си го оправдаат. Тие уредно и одамна го мразат Западот, но вака бездушно и без очевиден повод и провокација да се разурнува европската „колевка на Русија“, Украина, тоа им е малку многу и за нивните одамна напатени, цинични души.

Таа мака се надева да ја адресира и амбасадорот Баздникин, бидејќи Русите споро напредуваат на фронтовите, а „информативната војна“ ја губат поубедливо и од досегашниот неуспех во руската „специјална воена операција во Украина“. Сега ќе мораат „специјално“ да го зголемат калибарот на топовите и ракетите со кои ги гаѓаат украинските градови, а се плашам дека ќе мора „специјално“ да го повторат „тепихот“ со срамнувањето со земја на Грозни и Алепо… Потоа, сепак, ќе треба да влезат и во не толку специјални улични борби со упорната, преживеана украинска одбрана.

Ништо добро од тоа нема да излезе за руската воена пропаганда и за руската надворешна политика – за вјек и вјеков! Не заборавајте: Киев е град со повеќе од 800 православни цркви со 919 ѕвона, од кои најстарите се од 11 век. Стотина-двесте години пред да се удри првата лопата во Москва.

Тажно, до зла Бога! И со и без вчерашното интервју на расприкажаниот, а сепак осамен, руски амбасадор во Скопје.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More