Home » Панел-дискусија на Универзитет Американ Колеџ Скопје на тема „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“

Панел-дискусија на Универзитет Американ Колеџ Скопје на тема „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“

by Журнал.мк

На 24. 3. 2022 година, на Универзитет Американ Колеџ Скопје се одржа панел-дискусија на тема „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“. На настанот зедоа учество: Едвард П. Џозеф, виш предавач на Факултетот за меѓународни односи (SAIS) при Универзитетот Џонс Хопкинс, САД; Огнен Вангелов, доцент по меѓународни односи и меѓународна безбедност на Факултетот за политички науки при УАКС; Крум Ефремов, амбасадор на Република Северна Македонија во Украина; Радмила Шекеринска, поранешна министерка за одбрана на Република Северна Македонија и Тони Танчевски, проектен менаџер во Форум ЗФД Одеса и поранешен службеник за известување и политички анализи при мисијата на ОБСЕ во Мариупол. Настанот на кој присуствуваа голем број студенти и гости, го модерираше Сашо Орданоски, предавач на Факултетот за политички науки при УАКС.

Дискусијата ја отвори Едвард П. Џозеф, кој даде општ преглед на состојбата по руската инвазија во Украина. Земјите од Балканот, смета тој, можат условно да се поделат во три групи според геополитичката ситуација, видот на изложеност и обемот на влијание на конфликтот. Најголема е изложеноста на земјите што граничат со Украина или имаат излез на Црно Море, како Бугарија, Романија и Турција. Романија, истакна Џозеф, е засегната директно и не ќе може да остане настрана ако дојде до проширување на конфликтот кон Транснистрија. Голем проблем е и напливот на бегалци. Безбедносни импликации има и во Бугарија, не само поради бегалците, туку и поради енергетската зависност, традиционалните врски со Русија и високиот процент на проруско јавно мислење. Турција, пак, има силни врски и со Украина и со Русија што отвора простор за евентуално посредништво. Понатаму, тој ги наведе земјите за кои смета дека се под силно руско влијание – Србија, Босна и Херцеговина (односно Република Српска) и, до одреден степен, Црна Гора, која иако е членка на НАТО, има проблем со воведување санкции кон Русија. Третата група се земји-членки на НАТО, како Северна Македонија, Албанија и Словенија во кои војната може да предизвика и директни и индиректни последици. Постојат и општи проблематични точки за целиот регион, како, на пример, спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија и нерешените односи меѓу Србија и Косово. Сепак, по оваа војна, смета Едвард П. Џозеф, на светот му е јасно дека Русија е дискредитирана, исто како и Путин како лидер, дека национализмот и автократијата се исто така дискредитирани и дека перцепцијата за Русија е променета. Во западната перцепција, смета тој, Украина и украинскиот отпор спрема руската агресија се искристализираа како инспиративен пример за поинаков вид на водство.

По Џозеф, свое обраќање имаше и Радмила Шекеринска, која истакна дека ЕУ треба да ја редефинира својата политика на проширување во однос на земјите од Западен Балкан имајќи го предвид безбедносниот аспект. Актуелната руска инвазија во Украина, истакна Шекеринска, е само доказ дека тоа требаше да биде сторено одамна, односно дека проширувањето на ЕУ треба да се гледа не само како политичко и административно прашање, туку и како безбедносно. Таа потсети на обидите на Русија да го спречи усвојувањето на Преспанскиот договор. Во геополитичка смисла, бугарското вето за старт на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, како и пролонгирањето на приемот на Северна Македонија во ЕУ стануваат уште поопасни за стабилноста на Балканот. Ако некогаш имало двоумење околу зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, сега такви дилеми веќе не постојат. Сепак, Шекеринска смета дека храбрите потези од 2018 година треба да се повторат и од страна на ЕУ. За жал, и покрај општата солидарност со Украина, вели таа, во моментот не гледа ново расположение и силно лидерство во ЕУ во врска со проширувањето кон Западен Балкан.

Амбасадорот Крум Ефремов се осврна на ситуацијата со македонските граѓани што живеат во Украина. Успешната евакуација на нашите граѓани се должи на брза и ефикасна организација, благодарение на која нема наши жртви, истакна тој. Во поширок контекст, амбасадорот Ефремов очекува негативно влијание од војната во однос на енергетската ситуација и увозот на суровини, кој е навистина голем.

На ова се надоврза и Тони Танчевски, кој ги истакна спецификите на градот Мариупол и околностите што довеле до сегашната трагична ситуација. Војната, вели Танчевски, не се води поради непомирливи разлики меѓу луѓето во поглед на религијата, јазикот или културата, туку поради идеолошки разидувања.

Дискусијата ја продолжи професорот Огнен Вангелов, кој се осврна на анализите на јавното мислење во Северна Македонија пред руската инвазија во Украина. И покрај тоа што македонската влада целосно го усогласи својот став за поддршка на Украина во линија со ЕУ, јавното мислење се чини поделено и флуктуира. Вангелов забележува силни проруски ставови на социјалните медиуми, но причината за нив ја лоцира во општото разочарување од политиката на ЕУ во однос на интегрирањето на Северна Македонија. Вангелов смета дека евроскептицизмот и внатрешната поларизација можат да бидат причина за понатамошна дестабилизација со што ќе се разниша прогресот што бил постигнат досега. Тој напомена и дека гледа многу сличности меѓу наративите во Бугарија за Македонија и наративите во Русија и, конкретно, на Путин за Украина. „Главните бугарски документи врз кои се заснова ветото се многу слични на главните руски документи за нивната позиција кон Украина. Русија може да го искористи растечкиот евроскептицизам во македонското општество за да ја одврати Северна Македонија од ЕУ, а притоа самата ЕУ не може да влијае врз своја земја-членка и да ги сузбие нејзините националистички изблици. Мора да признаеме дека новиот премиер на Бугарија ги има намалено распалувачките реторики кои беа честа појава, но клучните документи што Бугарија ги користи во својата политика на вето постојат и не се променети“, истакна Вангелов.

Настанот заврши со прашања од студентите и дополнителна дискусија на темата за која се пројави голем интерес и од оние што ја следеа онлајн.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More