Home » Малчески: Весела пописна математика

Малчески: Весела пописна математика

by Журнал.мк

Колумна на Проф. д-р Самоил Малчески

Деновиве во јавност е актуелна темата попис 2021 година и одеднаш се појавија еден куп „експерти“ за статистика, но суштински многу малку од нив ги имаат анализирано податоците, воопшто немаатаат извадено заклучоци од истите и ја политизираат статистичката операција. Но, да одиме со ред.

Прво дали може да се извадат некакви, било какви заклучоци од еден ваков сет на податоци? Се разбира дека не, и тука делиме ист став со ДЗС кои во 2019 година во изјава за Алсат ќе речат, цитирам: „Ако најмалку 100.000 граѓани го бојкотираат пописот следната година, резултатите не може да се земат како релевантни.“ Истата потврда ја добивме и пред некој ден, токму од директорот на ДЗС кој директно призна дека податоците се нецелосни и неточни, а со самото тоа и нерелевантни. Имено, според член 10 од Законот за попис (Службен весник на Република Македонија бр. 19 од 21 јануари 2021 година), со пописот треба да се обезбедат податоци за: географски карактеристики, демографски карактеристики, економски карактеристики, образовни карактеристики, миграциски карактеристики, етнички карактеристики, културолошки карактеристики, религиозни карактеристики и инвалидитет/функционална попреченост.

Но, во првиот сет на податоци недостасуваат податоци за етнички и религиозни карактеристики на 132 000 жители на Република Македонија, а спорни се и податоците за образовни каратеристики бидејќи 20 години е предолг период за да можат истите административно да се евидентираат, како и податоците за функционалната попреченост. Оттука, вака презентираните податоци во овој сет на податоци се тотално неупотребливи и затоа пописот треба или да се поништи или да се дополни. Притоа, кога на сето ова ќе се додаде дека во изминатите неколку денови сведоци сме на менување на податоците од страна на ДЗС се повеќе е јасно дека пописот вака спроведен е нерелевантен.

Чудни бројки

Но, ако малку подетално се навлезе во бројките може да се видат неколку недоследности во истите. Имено, според податоци објавени во Статистики годишници на ДЗС живородени деца од 0 до 14 години имаме 310 617. Ако од оваа бројка се одземат починатите во 0 година и помеѓу 1 и 14 години, станува збор за 2 654 и 825 деца, соодветно, доаѓаме до бројка од најмногу 307 138 деца на возраст од 0 до 14 години кои моментално треба живеат на територија на Република Македонија, доколку некои од нив не се иселени, а доселување скори и да немаме. Но, ако ги погледнете податоците кои Симевски ги објави на фамозната прес-конференција, според пописот во овој момент на територија на Македонија живеат 311 347 дева на возраст од 0 до 14 години. При евидентно иселување на цели фамилии, некој во ДЗС, а посебно Симовски треба да објасни зошто бројките не се совпаѓаат, т.е. од каде според објавените податоци за пописот испаднаа 4 209 или околу 1,5% поеќе деца на возраст од 0 до 14 години? На кои податоци да веруваме? На оние публикувани во Статистичките годишници или на овие од таканаречениот попис? Се разбира јас би им верувал на оние публикувани во Статистичките годишници, бидејќи истите треба да се и се 100% точни.

Чудни стапки на морталитет

Дека нешто не е во ред со презентираниот сет на податоци говори и податокот за просечната стапка на морталитет во Република Македонија. Имено ако може да им се верува на Статистичките годишници, во периодот од 2016 до 2019г. стапката на морталитет во Република Македонија е просечно 9,75 промили. Се рабира од нашите разгледувања ќе ги исклучиме 2020 и 2021 година бидејќи во овие две години стапката е многу висока како последица на пандемијата.

Но, ако ги погледнеме податоците од пописот и ако истите ги анализираме, тогаш доаѓаме до малку чудни заклучоци. Имено, од податоците може да се заклучи дека кај македонскиот народ стапката на морталитет е 17,4 промили, додека кај албанците таа изнесува 3,7 промили. Ваквите стапки на морталитет или ваквото отстапување од просечнтата стапка од 9,75 промили е уште еден доказ дека нешто не е во ред со податоците добиени со т.н. попис. Вакво отстапување од просечната стапка не е забележано во ниту една слична статистичка операција и може да биде одраз на погрешно прибрани податоци, грешен сет на податоци или нереално прикажани податоци. Оттука, ова е второ прашање на кое мора да даде одговор ДЗС.

Чудна бројка на вкупно население

Исто така, сомнителна е бројката на вкупно население, резидентно и нерезидентно. Имено според таканаречениот попис таа бројка изнесува 1 836 713 резидентно и 258 932 нерезидетно население или вкупно 2 095 645 жители. Но, според пописот во 2001 година сме имале 2 022 547 жители. Ако на оваа бројка се додадат живородените деца во период од 2002 до 2021 чија што бројка изнесува 456 505 деца и ако од нив се одземат починатите лица во периодот 2002 до 2021 година чиј број е 401 896 доаѓаме до бројка од 2 077 156 жители што е за 18 489 помалку од презентираните бројки со т.н. попис на Симовски. Тука треба да напоменеме дека државата има право да по одредени околности додели државјанства, но сигурно на пописот не се попишале или самопопишале белосветските криминалци на кои Спасовски и Владата им дадоа или пак можеби продадоа државјанства.

Тука треба да се напомене дека според МВР во овој момент имаат издадено околу 2,5 милиони државјанста и бројките и процентите во МВР се добро познати, а ги имам и јас, нели постојат свиркачи. Оттука, ако Симовски дозволи административно евидентирање на пописот како и самопопишување на дијаспората, тогаш зошто административно не ги попиша и тие околу 400 000 граѓани кои имаат Македонско државјанство? Зошто Симовски и ДЗС за една иста операција имаат двојни стандарди? Која земја членка на ЕУ или НАТО ја користи методологијата што ја користеше Симовски и тоа на ваков начин, за една иста работа две различни постапки?

За крај, многу прашања за кои ДЗС и Симовски треба да дадат одговори, се разбира ако ги имаат! Изговорите од типот печатна грешка, во лош период беше пописот, луѓето се сончаа на плажи во соседните држави итн. се смешен обид на Симовски и неговите политички ментори за прикривање на неспособноста и лошо спроведениот попис. Исто така, тоа што Симовски не дозволува увид во пописните резултати е уште еден невешт обид да се сокрие вистината!

Оставки и одногорност не очекувам, зошто тоа е мисловна именка за оваа Влада и нивните функционери. Она што очекувам е после промените кои неминовно ќе се случат, да има истрага со која ќе се покаже кој си играл попис во државава и некој конечно да одговара за сторените злоупотреби.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More