Home » Македонија не зависи од руската нафта

Македонија не зависи од руската нафта

by Журнал.мк

Во Македонија нема да се почувствува недостиг на дизел, а во однос на тоа дали ќе се зголеми цената на овој вид гориво, министерот за економија Крешник Бектеши уште еднаш потсети дека таа е берзанска. Бектеши информира дека во последниве неколку години количеството дизел од Русија е меѓу 15 и 20 отсто и увозот го прави една компанија што има руски капитал и се снабдува од една руска рафинерија.

-Ние како влада се определивме дека ќе ги почитуваме санкциите на Европската комисија за увозот на руска нафта – рече министерот Бектеши

Според последните податоците за пазарот на нафтените деривати, во 2021 година се увезени 1.090.610 тони. „ОКТА“ учествува со 69 проценти, потоа следува „Супер трејд Скопје“ со 11,4 проценти, „Лукоил Македонија“ ДООЕЛ – Скопје со 7,8 проценти, „Црна Река петрол“ со 3 проценти…

Министерот Бектеши информираше дека „Хеленик петролеум“ не користи грчка нафта.

„ОКТА“ веќе одамна не преработува нафта, туку увезува нафтени деривати, а грчката рафинерија „Хеленик петролеум“ (ЕЛПЕ), која е дел од групацијата што ја поседува „ОКТА“, минатата година интензивно работеше на нови снабдувачи, со цел да го покрие делот што се набавуваше од Русија. Раководството на „ЕЛПЕ“, кое ѝ се придружи на деловната делегација што го придружуваше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, на минатогодишната посета на Саудиска Арабија, постигна договор со „Арамко“ за поголеми набавки на сурова нафта.
И вториот по големина снабдувач со нафтени деривати во Македонија „Супер трејд“ потврдува дека ембаргото за набавка на нафта и нафтени деривати од Русија нема да им направи проблем во снабдувањето.

– Сите правиме набавки од Грција, а Грција како членка на ЕУ од 5 февруари воопшто не набавува нафта од Русија. Нема никакви проблеми во снабдувањето. Во ЕУ сите земји имаат направено планска диверзификација – изјави за „Слободен печат“ Владимир Стајиќ, сопственик на „Супер трејд“.

Во Македонија работи и „Лук оил“, таа е трет најголем увозник на нафтени деривати. Оваа руска компанија кај нас има 35 бензински пумпи и нафтен склад во Штип. На нашите бензински пумпи доаѓа бензинот произведен од рафинеријата „ЛУКОИЛ – Нефтохим Бургас“.

„Слободен печат“ прати прашање до „Лукоил“ дали очекува редовно снабдување со горива, но одговор не добивме.

Европа направи уште еден голем чекор кон прекинување на енергетските врски со Русија, со тоа што на 5 февруари го забрани увозот на дизел-гориво и нафтени деривати од руските рафинерии. Но, претходно на истата релација беше и указот што го потпиша рускиот претседател Владимир Путин, со кој се забранува извозот на нафтата и нафтените деривати во земјите што го поддржаа ограничувањето на цената на руската нафта. Забраната стапи на сила на 1 февруари и ќе важи во следните пет месеци. Оваа забрана дојде откако на почетокот на декември, групата Г7, ЕУ и Австралија се согласија на ограничување на цената од 60 долари за барел руска сурова нафта, како одговор на војната на Москва против Украина.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More