Home » Која е поентата на вакциналните сертификати, ако и невакцинираните имаат имунитет?

Која е поентата на вакциналните сертификати, ако и невакцинираните имаат имунитет?

by Журнал.мк

И невакцинираните имаат солиден имунитет, заклучија здравствените власти по скринингот на населението. За дел од епидемиолозите ова е показател дека сертификатите веќе немаат поента и треба да се укинат. За здравствените власти пак не треба да се брза со нивно укинување

Од 170 лица кои биле невакцинирани, дури 70 проценти имале имунитет против ковид. Ова го покажа скринингот на населението кој го спроведоа здравствените власти во февруари. Претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести проф. д-р Александар Петличковски тогаш рече дека е утврден солиден имунитет и кај невакцинираните граѓани.

За дел од епидемилозите ова е показател дека веќе нема поента да се бараат сертификатите за примени вакцини.

Според д-р Сашо Олумчев, антителата не траат повеќе од 4 месеци, така што ако над 70 проценти од граѓаните кои биле тестирани имаат антитела, без разлика дали преку вакцина или природно, тогаш вели земјава има солиден колективен имунитет, а со тоа сертификатите веќе ја губат смислата.

„Нема потреба од покажување сертификати па дури и веќе нема да има потреба од маски на отворено. Нема ефект. Ако е омикрон доминантен тогаш најдобро е да се остави да процилкулира низ популацијата, да се стекне колку што е можно уште повеќе имунитет, луѓето да дојдат во контакт со вирусот, да створат антитела и да ја дочекаме есента поподготвени, со поголем имунитет,“изјави доктор Олумчев.

Комисијата за заштита од заразни болести пред две недели препорача повеќе да не се бараат сертификати за влез во трговските центри. Но, здравствените власти се уште сметаат дека е ризично целосно да се укинат. Министерот за здравство Беким Сали за РСЕ вели дека опаѓањето на бројката на ново заразени не е гаранција дека нема да има нов бран.

„Ние како колектив како општество имаме стекнато колективен имунитет, но гледаме дека не е доволен со бројките кои што во континуитет ги имаме на новоинфицирани. Доколку секој ден имаме по 200 до 300 инфицирани тоа значи дека се уште сме потенцијален ризик како општество да ни се зголемат бројките, а со тоа и хоспитализациите и смртните случаи. Засега ситуацијата е смирена, во зелена зона сме, но не би требало да носиме брзи одлуки и да ризикуваме здравје на секој поединец во општеството“, вели министерот Сали за РСЕ.

Во меѓувреме, и покрај досегашните правила за приложување сертификат при влез во објектите, граѓаните кои ги анкетиравме велат дека често пати воопшто и не им бил побаран сертификат.

„Откако помина бранот околу нова година во околу 90% од случаевите во угостителските објекти не бараат вакцинални сертификати и онаму каде што ги бараат не обрнуваат внимание дали сертификатот е со истечена важност или веродостоен, вели Александар од Скопје.

„Со оглед на тоа дека не излегував многу за време на пандемијата, одев само во трговските центри, некогаш барале, некогаш не барале сертификат. Зимава еднаш излегов во кафеана и никој не ми побара“, изјави скопјанецот Никола.

„Досега моето искуство освен на граница кога ми побарале за влез во земјава, не ми побарале на друго место сертификати, изјавија дел од анкетираните граѓани.“

Според д-р Олумчев , проблематично со сертификатите е и тоа што голем дел од нив се лажни, а не постои ниту начин да се провери веродостојноста во објектите каде се задолжителни.

„Треба малку повеќе да се оди на едукација на населението, ние тука направивме грешка, значи едукација, па потоа нека одлучат дали ќе се вакцинираат со трета или четврта доза итн“, вели д-р Олумчев.

Во меѓувреме дел од европските земји веќе ги укинаа не само сертификатите туку и маските. Велика Британија тоа го стори уште во јануари, од минатиот месец и во Холандија повеќе не се бара ниту сертификат ниту пак се носат маски. Пред неколку дена сертификатите беа укинати и во Бугарија, а и грчките здравствени власти рекоа дека ќе го сторат истото.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More