Home » Ковачевски да ги фати за уши Заев, Османи и Димитров и да ги праша некои работи!

Ковачевски да ги фати за уши Заев, Османи и Димитров и да ги праша некои работи!

by Журнал.мк

Бранко Героски

Веќе не е тајна дека во моментов Софија и Скопје интензивно преговараат за решение на спорот. Притисокот очигледно е силен. Според она што вчера јавно го соопшти премиерот Димитар Ковачевски, до овој момент заемно прифатливо решение нема на повидок.

Дали треба да бидеме спокојни?

Не. Никако. Напротив.

Отсуството на добра волја на Бугарија да ја симне неразумната блокада за Македонија и обидот софиските уцени да станат дел од преговарачката рамка што ќе ѝ биде наметната на македонска страна со „виткање на рацете“, не ми даваат мир.

Инаку, веќе знаете дека не сум од оние кои настојуваат по секоја цена на премиерот Ковачевски да му најдат „црно под ноктите“. Не сум им го правел тоа ни на Груевски и на Заев, барем додека немало причини за такво нешто. Затоа јавно му дадов кредит на Ковачевски, кога тој одлучно се спротивстави на притисоците на бриселските бирократи и на Макрон му кажа „не“. Знам дека во дел од јавноста тоа се толкува како мој „колаборационизам“ со „предавниците“. Тоа е дел од фолклорот во нашата политика. Јас сепак сум убеден дека сега имаме троа поважна работа од тој панаѓур на суети – сега е најважно премиерот Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да се охрабрат одлучно да опстојат на браникот на македонските национални интереси, кои се опасно загрозени.

Од двајцата очекувам да ја оправдаат довербата што им е дадена. А мислам и дека немаат друга опција.

Но, пак ќе речам, неспокоен сум, бидејќи сѐ почесто се прашувам дали Ковачевски и Пендаровски имаат одлучувачко влијание врз нашата надворешна политика, врз релациите со Бугарија и врз темите за кои преговараат министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот преговарачки тим со нивните колегите од Софија. И со кој знае уште кого…

А еве зошто ме гризат сомнежи.

Неколку пати имам кажано и напишано дека целата збрка во преговорите со Софија ја направи Зоран Заев. Немам јасна претстава под чие влијание Заев го водеше процесот, колку во неговите комбинаторики беа инволвирани министрите Бујар Османи, Никола Димитров и евентуално Бојан Маричиќ и дали и како Заевата прва постава се координирала меѓу себе, но и со претседателот Пендаровски. Долго се сомневам дека тоа бил еден раштиман оркестар и дека таа слабост е умешно искористена од итрите софиски дипломати, за да ги зацврстат преговарачките позиции до нивото тие да бидат инкорпорирани во последниот француски предлог.

Велам, се сомневав, говорев и пишував за тоа. Но, освен некои толкувања на нијансите во изјавите на дел од актерите (Пендаровски и Димитров, на пример), јас тукуречи до вчера немав никаков доказ во поткрепа на моите сомневања.

Е сега имам!

И сакам за тоа да ви кажам неколку збора.

Па ќе ви стане јасно зошто сум вознемирен. А мислам дека и на вас нема да ви биде сеедно…

Поседувам извештај од интерната дипломатска комуникација на една земја членка на Европската Унија. Нема да кажам за која земја станува збор. И секако, нема да го соопштам изворот.

Извештајот е од втората половина на 2021 година. Многу важен период. Кај нас на чело на владата е Заев, министер за надворешни е Османи, во Бугарија има техничка влада, Кирил Петков е во подем, а министер за надворешни работи е Светлан Стоев. Меѓу европските дипломати се водат интензивни разговори за спорот меѓу Скопје и Софија.

Простете, но нема да раскажувам детаљи за содржината на документот. Тој не носи ознака „државна тајна“, но во него обемно се расправа за односите меѓу Македонија и Бугарија. Ако човек внимателно го исчита тој документ, веднаш ќе сфати зошто позициите на Бугарија во однос на спорот со Македонија не се поместени ни за јота до последниот предлог на Макрон. Од тој документ се разбира како софиската дипломатија успева да ги наметне своите позиции во ЕУ. Од него јасно се гледа дека наводно раскараните софиски политичари сепак имаат единствени ставови за сите поважни прашања од надворешната политика.

Нема да раскажам ништо повеќе за тој извештај. Освен што ќе цитирам една реченица. Доволно е таа една, за да се сфати како и зошто се поткопувани македонските позиции во спорот и како „преговарале“ Заев и министрите од неговата екипа.

И еве, за да не биде дека ви правам филмчиња, да ја цитирам таа клучна реченица од тој извештај:

„Кога Стоев зборува со Османи, сѐ е во ред. Но кога тој ќе се врати во Скопје, се слушаат различни (други) позиции од премиерот Заев или од Н. Димитров.“

Многу симптоматично, нели?

Можно ли е во тој многу важен период, во втората половина на 2021 година, а можеби и пред тоа, Заев, Османи и Димитров со софиските политичари и дипломати да ја играле муртинската верзија на играта „добар и лош полицаец“?

Ако еден релативно ниско рангиран европски дипломат, што го напишал овој извештај, сфатил дека тоа разногласие во државниот врв во Скопје е погубно, а и комично, што ли помислиле водечките државници и дипломати на земјите членки на ЕУ?

И што е, добога, тоа што било стопроцентно „во ред“ во разговорите меѓу Османи и Стоев?

Само оваа реченица од документот отвора дузина обеспокојувачки дилеми, после кои се наметнува и клучното прашање – што ако и денес, кога разговараат Османи и Генчовска, пак „сѐ е во ред“ и што ако позициите во Скопје се менуваат (ако се менуваат) кога мора да проговорат Ковачевски и Пендаровски? За кои, се разбира, не сме ни сигурни дека имаат единствени ставови за најважните прашања, како што би морало да биде.

Со други зборови, што ако и денеска со Софија разговараат претставници на две, или можеби дури и на три скопски дипломатии?

Не шпекулирам, не тврдам ништо, но поставувам логични прашања, на кои некој мора да пронајде одговори.

Премиерот Ковачевски, на пример.

Не би сакал да сум во неговата кожа.

Па да знам дека кога мојот министер за надворешни работи преговара во Софија таму нешто „сѐ е во ред“, а ваму баш ништо не е во ред.

И да стравувам дека утре сето тоа ќе биде опишано во некој друг извештај. Откако штетите ќе бидат направени, како што очигледно биле направени во времето кога солирале Заев, Османи и Димитров.

Да сум на местото на премиерот Ковачевски, би ги фатил за уши тројцата „мускетари“, за да објаснат што тоа било во ред кога Османи преговарал со Стоев, а не било кога за истите прашања се изјаснувале Заев и Димитров. Да кажат каква била играта, или можеби кавгата. Да не заборавиме дека едниот од нив, Димитров, за волја на вистината, многу пати посведочи дека имал „жестоки расправии внатре“.

Да сме демократска земја, а не хибриден режим, ова е ситуација зрела и за сослушување на актерите во собраниската комисија за надворешни работи. Евентуално, поради чувствителноста на ситуацијата, тоа сослушување би можело да биде затворено за јавноста.

Тоа е, драги мои. Доста ви кажав.

Жал ми е што ве обеспокојувам со вакви информации, но мислам дека тоа е моја новинарска, а и граѓанска должност. И ве молам, не го убивајте гласникот. Тоа нема да реши ништо. Само оговарајте го, како и до сега.

ПС. Молам никој од мене да не бара непристојни услуги. Никогаш не сум го открил изворот кога сум ветил дека ќе го заштитам. Никогаш не споделувам информација за која сум ветил дека ќе ја задржам само за себе. Доколку постои искрен интерес оваа работа да се расчисти, спремен сум да помогнам, но тоа може да биде само на изричито инсистирање на мојот извор. Никако поинаку.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More