Home » Езеро кај Лас Вегас се повлекува поради суша, во него пронаоѓаат сè повеќе тела

Езеро кај Лас Вегас се повлекува поради суша, во него пронаоѓаат сè повеќе тела

by Журнал.мк

Полицијата во езерото Мид во близина на Лас Вегас пронаоѓа сè повеќе човечки останки. Поради сушата езерото почнало да се повлекува, односно да се намалува, откривајќи ги своите мрачни тајни.Властите оваа година во пет наврати пронашле човечки останки во езерото, од кои три биле пронајдени на плажата Свим бич. Засега не е познато дали деловите од тело откриени на плажата припаѓаат на едно или повеќе лица. На тоа прашање се обидува да одговори лекарот од округот Кларк, пишува Си-ен-ен.

Последното откритие се случило во понеделникот вечер на таа плажа. Пред тоа, трет сет на делумни останки бил пронајден во областа на 25 јули, по што властите пронашле уште коски на 6 август. Остатоците од телата пронајдени на 25 јули биле забележани од посетител на Свим бич. Инспекторите потоа ги преземале посмртните останки и започнале истрага.

На почетокот на мај на калливиот брег на езерото било пронајдено буре со остатоци од човечко тело. Полицијата соопшти дека станува збор за лице кое било убиено во 1970-тите или 80-тите години. Пронајденото буре, силно кородирано, го забележале луѓе кои пловеле со чамец.

Истрагата констатирала дека се работи за убиство. Облеката и обувките на жртвата им помогнале на иследниците да го одредат приближното време на смртта бидејќи дел од облеката била добро сочувана и етикетите биле видливи.

Десетина дена подоцна, две сестри кои веслале на даска откриле уште едно распаднато тело.

„Најпрво мислев дека се остатоци од овца, а потоа почнавме малку да копаме и најдовме вилица. Тешко ми беше да поверувам дека всушност најдовме остатоци од човечко тело“, рекла Линдзи Мелвин, пренесе Би-би-си.

Најголемиот американски резервоар за вода, езерото Мид, снабдува со вода за пиење 20 милиони луѓе во областа која се протега од Лас Вегас до Лос Анџелес. Неговото ниво почна да опаѓа во 2000 година, а ситуацијата се влошува со сè почестите суши и климатските промени. Неговото сегашно ниво е најниско од 1937 година.

Лас Вегас историски бил рај за криминалци поврзани со мафијата и се верува дека тие ги фрлале телата на своите непријатели во длабоките води на езерото, наведува АФП.

„Најголемиот резервоар во САД снабдува со вода милиони луѓе во седум држави, племенски заедници и северно Мексико. Овие слики даваат јасна слика за последиците од климатските промени и долготрајната суша која може да биде најлоша во западниот дел САД во последните 12 века“, објави во јули вселенската агенција.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More