Home » Албанија и кај Драч нуди изградба на НАТО база

Албанија и кај Драч нуди изградба на НАТО база

by Журнал.мк

Покрај воената база Пашалиман што Албанија и ја понуди на НАТО, воен дел ќе има и пристаништето Порто Романо кај Драч, јави дописничката на МИА од Тирана.

Порто Романо вообичаено треба да биде најголемото трговско пристаниште на брегот на Јадранското Море, а сега покрај трговското пристаниште треба да добие и воен дел.
– Наскоро повторно ќе одиме во Брисел за да ги продолжиме нашите дискусии во врска со нашиот предлог за формирање поморска база на НАТО во новото пристаниште Драч, најавил премиерот Еди Рама, додавајќи дека воената база ќе биде изградена и кофинансирана од Албанија и од НАТО алијансата, пренесуваат медиумите.

Тој додал дека владата веќе има готов проект и оти е испратена покана до НАТО за „финансирање на специјалниот проект”.

Рама претходно му понуди на НАТО обновување и реконструкција и на поморската база Пашалиман, кај Валона.

– Во овие опасни времиња, верувам дека генералот би можел да размисли да има поморска база на НАТО во Албанија, рече Рама во мај при доделувањето медал „Голема ѕвезда на благодарноста” на командантот на НАТО, Тод Даниел Волтерс.

Базата Пашалиман е изградена во 1950-те кога Советскиот Сојуз донесе 12 подморници и беше единствената поморска база што ја имаа во Средоземното Море.

По прекинот на врските меѓу Тирана и Москва во 1961 година, Пашалиман остана како поморска база во која се сместени четири подморници и други помали воени бродови. Базата се наоѓа во близина на Валона на спојот на Јадранското и Јонското Море на самиот влез во Отрантскиот теснец.

НАТО во јануари годинава ја започна реконструкцијата на воздухопловната база Кучово, кај Берат, на околу 85 километри јужно од Тирана, изградена во 1955 гпдина, кога Албанија беше близок соработник на Советскиот Сојуз. По падот на комунистичкиот режим во Албанија, над три децении Кучово остана воена база, а последните летови биле 2005 година.

Во рамки на билатералната воена соработка меѓу Турција и Албанија за модернизација на оваа база турските вооружени сили извршија изградба на надворешниот дел на базата, пистата, кулата за контрола на летањето, како и објектите за работа и обука на персоналот.

Сега таа ќе прерасне во модерен центар на операции и способност да прими голем број борбени авиони. Ќе бидат вложени 50 милиони евра и се очекува да биде оперативна до крајот на 2023 година.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More