Home » Џафери-Дир: Украина секогаш може да гледа во Северна Македонија пријател, партнер и поддржувач

Џафери-Дир: Украина секогаш може да гледа во Северна Македонија пријател, партнер и поддржувач

by Журнал

Премиерот Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Н.Е. Лариса Дир.

На состанокот беше изразена постојаната силна поддршка која Северна Македонија ја покажува кон Украина, во услови на тешки моменти за украинскиот народ, кој веќе две години храбро се бори за својата слобода.

Премиерот Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија и нејзините граѓани, стојат цврсто покрај Украина и ќе продолжат да го прават тоа сѐ додека е потребно, во нејзината борба за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Украина ја има поддршката и за интеграциските аспирации во демократските сојузи на држави, и во таа насока, Северна Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот Совет да отвори пристапни преговори со неа. Воедно, премиерот Џафери нагласи дека, освен формирањето на Советот НАТО-Украина, како членка сојузничка, Северна Македонија е дел од пакетот на проширена политичка и практична поддршка на Украина, продолжувајќи со поддршката на политиката на отворени врати на НАТО.

Премиерот Џафери потврди дека Владата стои на располагање за споделување искуства во делот на понатамошната интеграција на Украина во меѓународните демократски сојузи.

Амбасадорката Дир му честиташе на премиерот за стапувањето на функцијата и изрази надеж дека ќе продолжи да манифестира иста силна поддршка кон Украина и на новата функција. Амбасадорката се заблагодари за сета досегашна помош дадена од Република Северна Македонија на Украина, како и на изнесената подготвеност за продолжување на истата, при што нагласи дека Украина тоа високо го цени и нема никогаш да го заборави. Дир ја поздрави подготвеноста на Северна Македонија за споделување искуства и знаења во евро-атлантските интеграциски процеси со Украина.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk