24.8 C
Skopje
Tuesday, May 24, 2022

„Џоломарите“ – фотоприказна за паганскиот ритуал од селото Бегниште

Најчитани вести

Книгата со фотографии „Џоломарите“ од Сашко Илов, Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов, претставена на онлајн промоција, е ново издание на издавачката куќа „Арс ламина“. Книгата е двојазична, на македонски и на англиски јазик, а претставува фотораскажување за паганскиот ритуал џоломари. Прекрасните фотографии ги покажуваат бегнишките џоломари, нè носат во средиштето на настанот, се чувствува џоломарската атмосфера, но најмногу од сè, ги канат посетителите да го доживеат поредокот на светскиот хаос, кој настапува поради крајот на годината, помрачувањето на светот и на умот, времето на смртта на старата година и воспоставувањето на космосот, на поредокот и раѓањето на новата година, создавањето на новата светлина од искрите на коледарскиот оган и победата над смртта.
„Џоломари“ е традиционална маскирана група од селото Бегниште во Македонија. Овој настан има повеќевековна традиција, се практикува најмалку од почетокот на доаѓањето на турската војски на македонските простори.

Почнувајќи од 7 јануари, па до 19 јануари, во најдлабоката зима, луѓето од овие краишта веруваат дека низ селото се движат зли духови, болести, вештерки и демони. Секоја година на 14 јануари, организирана, исклучиво машка група, под тешки маски, со агресивен танц и предизвикувајќи голема врева ги брка злите духови од селото за да биде годината понатаму исчистена од нив. Мажите што учествуваат во ритуалот прво во своите домови ги бојат лицата во црна боја со саѓи (остаток од изгорените дрва во оџакот), облеката им е од козјо сукно и е црна или кафена, а брадата и мустаќите им се изработени од волна, додека околу половината врзуваат десетина тешки ѕвонци. Џоломарите се собираат навечер сретсело. Кога ќе се соберат, почнуваат да скокаат, да удираат со стапалата и со стапови по земјата, да тропаат со тешките ѕвонци врзани околу нивната половина и се верува дека со тоа ги бркаат злите духови од селото. Ова гласно тропање со ѕвонците и удирање со стаповите и стапалата на земјата се објаснува и како обид на луѓето да ја разбудат заспаната природа.
Сашко Илов-Дете е дипломиран професор по филозофија, долгогодишен ликовен уметник и фотограф. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е редовен учесник на тамошните фотоизложби. Член е на повеќе меѓународни здруженија на уметнички фотографии. Цветанка Темкова Илова-Цеци е дипломирана ликовна уметница и реставраторка со долгогодишно искуство како уметница, фотографка, но и реставраторка на повеќе археолошки локалитети. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е наставничка по ликовно, а во слободното време твори во своето студио. Гоце Давидов е академски вајар, кој предава вајарство во Рига, Летонија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com