Претседателот на Собранието Талат Џафери присуствува на Конференцијата на претседатели на парламенти на ЕУ на тема „Европската Унија како гарант за стабилноста, безбедноста и напредокот на регионот и пошироко.
„Факт е дека стабилноста, безбедноста и просперитетот на Република Северна Македонија во изминатите децении, во голема мера се должеа на неизмерната поддршка по разни основи од страна на Европската унија и нашите меѓународни партнери. Тука би издвоил четири клучни моменти од нашата заедничка историја со Унијата. Првиот момент е воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година, со што се отворија можностите за договорна соработка во повеќе области од взаемен интерес, особено соработката која се одвива преку Договорот за стабилизација и асоцијација; Вториот момент е вашиот придонес за Охридскиот рамковен договор во 2001 година, со кој денес го славиме соживотот во нашата држава и моментот со кој ја избегнавме судбината која ја искусија поголемиот дел од нашите соседи во регионот; Третиот момент е поврзан со вашата директна вклученост во надминувањето на најголемата политичка криза во нашата земја во 2015 година и напорите кои ги вложивте за ние повторно да се вратиме на нашиот интеграциски пат, и последниот момент е вашата поткрепа за надминување на отворените прашања со Република Грција и Република Бугарија, како дел од предусловите за наше отпочнување на преговорите за членство со Унијата“, нагласи Џафери во неговото обраќање.
Додаде дека за спроведување на обврските кои произлегуваат од исходот на овие четири клучни настани, Унијата ни доделува оргомни финансиски средства, со цел институциите да можат да ги реализираат предвидените реформски активности, а со тоа и граѓаните да ги почувствуваат стандардите кои ги уживаат граѓаните на ЕУ.
Како пратеници, додаде Џафери, ја поздравуваме повеќедецениската соработка со Европскиот парламент, особено во рамките на Дијалогот Жан Моне, кој значително придонесува за унапредување на политичкиот дијалог во нашето Собрание.
„Ние сме посветен партнер на Европската Унија, кој активно придонесува за нејзината безбедност и стабилност, особено во моменти на наплив на бегалци, како што беше кризата во 2015 година.
Република Северна Македонија со години наназад е активен чинител во мировните мисии на ЕУ за справување со кризи, демонстрирајќи ја на тој начин нејзината целосна подготвеност за придонес во критичните региони заедно со колегите од земјите членки на Унијата. Сегашните тектонски поместувања во безбедносната сфера одат во прилог на унапредување на отпорноста на ЕУ и потребата за зајакнување на партнерствата со земјите кандидати. Во тој контекст, ја поздравуваме иницијативата за целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во Стратешкиот компас и можноста за пристап до Европскиот одбранбен фонд, бидејќи сме убедени дека нашата вклученост ќе има директна рефлексија на мирот и безбедност во нашиот регион, а индиректно на мирот и безбедноста на целиот континент“, истакна Џафери.
Апелираше за што поскора адаптација на европскиот наратив за проширувањето, со оглед на драстичната актуелна промена на европското безбедносно, економско и енергетско милје и долгорочните последици кои истото ќе ги има врз нашиот континент. „Време е Вашата визија за иднината на Европа да се преточи во дела, процесот на проширување да продолжи со поголема динамика и конечно да отпочнат преговорите за членство на Република Северна Македонија и Албанија во најскоро време“, посочи претседателот на македонскиот парламент.