Ние сме веќе полноправна членка на НАТО, ги подржуваме евроатланските аспирации на Косово и подготвени сме да ги споделиме искуствата стекнати при нашето пристапување во Алијансата, како и за ЕУ, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери на заедничката прес-конференција во Пришина со неговиот домаќин и косовски колега Глаук Коњуфца. Двајцата ја осудија и руската воена агресија врз Украина. Џафери рече дека Косово ќе ја има поддршката во сите меѓународни организации и иницијативи каде Македонија е со право на глас.
„Имаме повеќегодишна историја на препорака на отворање на преговори за членство во ЕУ меѓутоа, повторно наидуваме на пречки од различна природа. Секако дека не губиме надеж, остануваме силно посветени на евроинтеграциските процеси, со спроведување на реформите кои ќе ни обезбедат европска иднина, како и со нов пристап и енергија во разговорите за конечно надминување на разликите со Софија и одржување на првата меѓувладина конференција Северна Македонија – Европска Унија, што ќе симболизира и отворање на преговорите“, рече Џафери.
Како што известува МИА од Приштина, Коњуфца и Џафери заедно констатирале дека членството во овие две организации ќе значи стабилност и просперитет за регионот.
„Република Северна Македонија има афирмативен став кон пристапувањето на Република Косово во сите мултилатерални и регионални инцијативи и форуми и ќе продолжиме и понатаму со поддршка на членството на Република Косово во сите меѓународни организации и иницијативи каде сме членки со право на глас“, истакна Џафери.
Во врска со настаните поврзани со Украина, Џафери нагласи дека земјава најостро и безрезервно го осудува овој неоправдан, несовесен и неиспровоциран чин од страна на Русија кој веќе однесе многу човечки животи и кој претставува флагрантно кршење на меѓународното право, а воедно и најголемата закана за евроатланската безбедност во последните децении.
„Како членка на НАТО, се придружуваме на повиците на Алијансата за итно запирање на воените дејствија и враќање кон дијалогот. Истовремено, изразуваме целосна солидарност со храбриот народ на Украина и со демократски избраните претседател, Парламент и Влада на Украина. Република Северна Македонија се приклучи кон пакетот рестриктивни мерки на ЕУ кон Руската Федерација и воведе забрана за влез во воздушниот простор на територијата на земјата за руски авио компании. Донесовме и одлука за донација на воени средства и опрема за официјалните вооружени сили на Украина“, рече Џафери, потсетувајќи дека Собранието вчера донесе и Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Претседателот на косовскиот Парламент Коњуфца изрази задоволство што двете земји споделуваат исти ставови во однос на украинската криза.
„Ние сме определени и многу сме среќни што во истата рамка делуваме заедно со Република Северна Македонија во насока на тоа да бидеме целосно определени за санкциите коишто ЕУ и НАТО и најсилните демократски држави на чело со најсилната светска демократија САД ги прават на Руската Федерација. Значи, и Република Косово и Република Северна Македонија се на истата линија на прозападна, продемократска и проатлантска ориентација во рамките на санкциите коишто ги обединуваат демократиите во светот со цел да се конфронтира оваа агресија, руска агресија врз еден невин народ и врз сувереноста на една земја членка на ОН“, рече Коњуфца.
Според него, соработката на двете земји ќе се продлабочува и понатаму, бидејќи се блиски соседи кои имаат толку многу да споделат и само вака обединети и поблиску едни до други регионот ќе биде побезбеден.
„Членството на Република Северна Македонија во НАТО уште еднаш го става на виделина значењето од ситуацијата која што се создаде со војната во Украина. Сите оние скептици коишто имаа дилеми во однос на членството во НАТО и на Црна Гора и на Албанија пред 10 години, денес мислам дека подобро сфаќаат колку било значајно членството во НАТО и на Северна Македонија и колку е значајно и тоа Косово што побрзо да се приклучи на ова семејство и на евроатлантскиот чадор на безбедноста таму каде што дефинитивно ни е и местото“, реќе Коњуфца.
Претседателот на Собранието Џафери го искажа и ставот на земјава во однос на дијалогот Приштина – Белград.
„Наш став е целосна поддршка на постигнување конечен договор, прифатлив за двете страни, договор со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на целиот регион“, рече Џафери.