17.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Џабе ни е нова тактика ако Бугарија остане емотивна

Најчитани вести

Добра е одлуката да се спушти топката околу сензитивните прашања во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи емотивната реторика не води кон решение, туку напротив, води кон засилено задлабочување на проблемот помеѓу двете соседни држави. Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, откако вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи, соопшти дека е донесена одлука Македонија да ја смени тактиката, односно да воспостави рационален пристап во разговорите со Бугарија.

Првиот министер за надворешни работи во земјава, Денко Малески, за Плусинфо се присетува дека реториката за решавање на проблемот помеѓу Македонија и Грција во 1991 година била идентично емотивна, како и реториката што досега ја водеше нашата земја со Бугарија.

– Во 1991 година јас се соочив со истиот проблем. Кога во Собранието настојував да усвоиме една рационална политика водена од нашите и од грчките интереси, бев дочекан со страшни емоции од двете страни. Додека јас зборував за компромис, кај нас почнаа да се компонираат песни како „Едно име имаме“. На грчката страна пак, се појави снимка на која се гледаше како Костантин Караманлис плаче кога го искажува зборот Македонија. Тоа беа автентични емоции од двете страни на границата, кои, не само што не вродија со плод, туку и ја заглавија државата цели три децении. Потоа, проблемот се реши кога на сцена стапнаа двете политички партии Сириза и СДСМ, кои беа водени од интересите на државата. Интересот на Македонија беше да стане членка на НАТО и да си го отвори патот кон ЕУ, а грчката страна да не дозволи проширување на влијание на други земји во Македонија, како што се Турција и Бугарија. Кога сето тоа се поклопи со интересот на Америка и на Западот, а тоа беше да се спречи руското влијание на Балканот, тогаш произлезе Преспанскиот договор. Заклучокот е дека целиот проблем се реши со една разумна и рационална политика, а не со емоции – вели Малески.

Тој вели дека е многу важно сега да се погледнат односите од аспект на две држави кои имаат сопствени интереси.

– Секако е важно како ќе изгледа персоналниот состав на новата бугарска влада, а ние од оваа страна посакуваме да нема многу претставници на националистичките партии со чии погледи спориме. Меѓутоа, тоа што е поважно е дека ќе престане фазата на егзалтација која го движи тоа клатно на емоции од екстремно добри и топли односи, па сè до студени ставови и жестока реторика. Важно е да ги погледнеме односите од аспект на две држави со сопствени интереси. Треба да расчистиме кои се нашите интереси, а кои се бугарските интереси, а со тоа да се замени досегашната емотивна реторика која не нуди решение на проблемот. Секако, ние сме соседи и ние делиме една граница, но знаеме дека таа граница е прилично запустена во поглед на патишта и на железници. Ако е во интерес на двете држави тој проблем да се надмине, сега се нуди точка на спојување која ќе го реши таквиот проблем – објаснува Малески.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека секогаш е подобро емотивната реторика да се смени со рационална, но како што додава, тоа треба да го сторат двете страни, а не само едната.

– Ние имаме емоции за четири континенти. Не е доволно едната страна да ја смени реториката од емотивна во рационална. Потребно е и Бугарија, на чија реторика ние немаме многу влијание, да ја смени реториката. Исто така, не е доволно да се смени само реториката, туку потребни е да се смени и пристапот од емотивен во рационален. Што ако имаме рационална реторика ако немаме рационален пристап? – објаснува Арсовски за Плусинфо.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести