Лица што немале договори или воопшто не работеле – добивале надомест, буџетот на Токсикологија бил оштетен за повеќе од десет илјади евра, а организациската директорка ја злоупотребила службената положба.
Ова го соопшти обвинителството и извести дека е поднесено обвинение против поранешната организациска директорка на клиниката, Бесија Иљази.
Според обвинителството, Иљази постапувала спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита.
„Обвинетата, во својство на организациски директор, ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица. Во мај годинава склучувала договори за дело со лицата, за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело.“
Бесија Иљази на Суд ќе одговара за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик. Ако биде прогласена за виновна, може да добие казна затвор од шест месеци, до три години.
Полицијата поднесе кривична пријава против Иљази, во средината на месец јули. Претходно, дел од вработените на Токсикологија алармираа дека на клиниката работат лица кои незаконски извршувале работни задачи.
Според досегашните наводи, истиот ден кога Илјази е назначена за в.д. организациски директор се распишани претседателските и парламентарни избори и не смее да склучува договори за вработување, таа сепак склучила 15 договори на дело.
Бесија Иљази беше разрешена од функцијата кон крајот на јуни, со доаѓањето на министерот за здравство Арбен Таравари.