Екипата на Шкендија е крунисана за нов шампион на Македонија, а познати се и екипите кои што обезбедија европско лето преку Првата македонска фудбалска лига. па, последните две кола ќе бидат насочени кон битката за опстанок, во која ќе се борат Брера и Беса. Една од нив ќе остане во елитата, а послабо рангираната ќе игра бараж.
Во претпоследното коло Брера Струмица ќе гостува кај сега веќе поранешниот шампион Струга Трим Лум, а за главен судија на оваа средба е делегиран Стојанче Трпчевски од Скопје. Беса, пак, е слободна, затоа што требаше да се судри со Воска Спорт.
Дербито на колото се игра на Градски, каде Бењамин Ќерими ќе им суди на градските ривали Работнички и Вардар. На „Чаир“ екипата на Шкупи ќе го пречека Тиквеш, а на центарот на теренот ќе застане Фатмир Бафто од Охрид.
На натпреварот во Кратово меѓу Силекс и Пелистер главен судија ќе биде Доне Ристовски од Гевгелија. Сите натпревари од ова коло се играат в недела од 17:00 часот.