Економски развој базиран на индустрија и силно развиено рударството или развој базиран на услужни дејности, на ИТ индустријата, на зелена економија, туризам, производство на здрава храна, вино, енергија од обновливи извори. Ова е стратешка дилема пред која Македонија денес е исправена како никогаш порано од своето осамостојување.
Во програмата на новата Влада на премиерот Христијан Мицковски, планирано е отворање на четири рудници: во близина на Стогово, Тајмиште, Плавица (Црн Врв) и Лојане, повеќедецениски заспаните локации за експлоатација на металични суровини, чијашто атрактивност последниве години само добива на светско ниво, посебно откако Европската унија го усвои Актот за критични минерални суровини Critical Raw Material Act, и се фокусираше на потрагата нивни извори во држави поблиску до себе, чијашто подготвеност за соработка во таа област ќе им помогне да ги остварат своите стратешки цели.
Сепак, ветриштата на промени во она дотогаш се чинеше трасиран пат на Македонија – со фокус на искористувањето на предностите и спецификите на нејзината географска местоположба, и природните убавини, но и на зголемувањето на степенот и обемот на заштита на природата, задуваа уште во 2016 година кога тогашната влада во заминување, потпиша повеќе десетици концесии за рударско-геолошки инстражувања, како и за експлоатација на рудни суровини, главно на југоистокот од државата.
И додека отпорот на локалното население за отворање на рудниците во Казандол и во Иловица ги натера властите да ретерираат преку одземање на концесиите и за двата рудника (а битката за Иловица се пресели во судските коридори), минатата година неочекувано се појави информацијата: во Македонската Академија за науки и уметности се токми Стратегија за развој на рударството. Еколошките активисти го запалија алармот – дали на државата ѝ се подготвува пресврт според кој од визијата за зелена оаза на Балканот ќе станеме рударска колонија? Рударската индустрија важи за високозагадувачка, а во светот хавариите на рудните јаловишта, со кои се нанесува огромна штета на природата но и на локалното население, се речиси секојдневие. Дали Македонија, но и Балканот воопшто, по случувањата во соседна Србија, каде се реактуелизираше случајот “литиум од Јадар“ откако српската Влада потпиша договор за стратешко партнерство за искористување на литиумот со германскиот канцелар Шолц, во нечија визија треба да послужат како современа „колонија“ за суровини за развиените ЕУ земји, за возврат добивајќи – нешто, или ништо?
Екологистите веќе се изјаснија по ова прашање: „НЕ за „рударскоцентричен концепт“и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција! Неконтролирана рударска експанзија би ги загрозила сите други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции во Македонија како туристичка и земјоделска земја со производство на здрава храна и вино. Со оглед на големината на земјата, рељефот и хидролошката мрежа, потенцијалните еколошки хаварии може да се прошират низ цела држава“, стои во обраќањето на група еколошки здруженија и поединци од областа на заштита на животната средина по средбата со новата министерка во ресорот енергетика и рударство, Сања Божиновска. Таа, пак, за возврат вети дека, кога ќе дојде на ред Стратегијата за рударство, ќе бидат формирани работни групи во кои ќе бидат поканети и екологистите.
ЗОШТО РУДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА?
Во учебниците по географија традиционално се наведува дека Македонија има големо рудно богатство, но со некои исклучоци како радовишки Бучим, повеќето рудници активни до крајот на 90-те денес се затворени, а во структурата на бруто домашниот производ, според податоците на Државниот завод за статистика тоа учествува со само 1,5%. За последните 40 години, отворен е само еден нов рудник – Боров Дол, кој претставува површински коп и продолжение на векот на работа на рудникот Бучим, со цел обработка на бакарна руда во наредните 10 години.
Децениите по осамостојувањето на Македонија беа обележaни со силна деиндустријализација, во која редовно беше забележуван пад на индустриското производство, посебно во секторот рударство. Тоа го зборуваат и најновите податоци, објавени пред само десетина дена, покажуваат дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање од 7.5 %. И минатата година рударскиот сектор забележал пад, кој изнесувал 8,5%.
Според податоците добиени од Министерството за енергетика, рударската индустрија во моментов придонесува околу 1% во вкупниот БДП на државата во индустриското производство учествува со 22,36 %, од кои само металите учествуваат со 11,24 %, а останатите минерални суровини со 11,12 %.
По нарачка од тогашното Министерство за економија, МАНУ ги стави на располагање своите капацитети за изработка на документ кој нештата во рударската сфера треба да ги промени. „Во изработката на „Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини на Република Северна Македонија за периодот 2025-2045 година“ се вклучени повеќе од 30 врвни експерти (професори и истражувачи), при што секој експерт придонесува во својата област. Покрај самиот документ, изготвени се и 22 пропратни анализи и прилози, кои ја надополнуваат Стратегијата“, вели професорот Александар Дединец, кој беше координатор на процесот на изработка на мултидисциплинарниот документ во МАНУ. Сепак, вели тој, тешко е да се зборува во детали за документ кој не е објавен, бидејќи тоа е обврска на нарачателот, во случајов новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Процесот на изработка на Стратегијата вклучил активна соработка со сите засегнати страни, додека невладините еколошки здруженија во октомври 2023 им била дадена можност да ги претстават своите ставови и да ги достават своите забелешки по нацрт стратегијата. Нацрт документот оттогаш не го здогледа светлото на денот, а загриженоста на екологистите вклучени во процесот, посебно по најавите на новата влада за отворање на рудници, расте.
„Нацрт-Стратегијата е завршена, но сè уште не е официјално презентирана пред јавноста. Овој документ поставува долгорочни цели за одржливо искористување на минералните суровини и е усогласен со националните и европските регулативи за заштита на животната средина. По Нацрт – финална верзија на Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини на РСМ ќе има јавна расправа и ќе се донесе на транспарентен начин со вклучување на сите засегнати страни“, се вели во одговорот што го добивме од Министерството за енергетика и рударство.
Оттаму потсетуваат дека рударскиот сектор е исто така значаен и поради позитивниот трговски биланс, кој годишно надминува 200 милиони долари, од кои над 75% се однесуваат на извозот на метални руди. Во 2020 година, на пример, рударството придонело со 30,7% во вкупните директни инвестиции во земјата, но и дека рударскиот сектор создава над 8000 работни места во доменот на екстракција на метални минерали, неметални минерали, јаглен и лигнит, како и поддржувачки активности, се вели во дописот од Министерството.
ДАЛИ СЕ РУДНИЦИТЕ ГАРАНЦИЈА ЗА РАЗВОЈ?
И додека јавноста не знае каква визија за Македонија предвидува Стратегијата за развој на рударство, самата идеја дека државата всушност сака да ја развива рударската дејност во околности кога се уште не се санирани штетите од претходните активности на македонските рудници, кои зад себе оставија огромни количества на токсичен материјал во вид на (главно слабо или комплетно незаштитени) рудни јаловишта, и кога обидите за отворање рудници во исклучително плодниот струмичко-валандовски и гевгелиски регион наидоа на значителен отпор на локалните жители, предизвикува, во најмала рака, загриженост. „Ние бараме гаранција дека во таа стратегија за рударство ќе се гарантираат еколошки параметри. Едно е економскиот бенефит, друго е животната средина и тие меѓусебно во рударството, буквално, се во колизија“, вели Лилјана Поповска од Зелен Институт, која беше дел од тимот екологисти кои ги изнесоа забелешките на Стратегијата пред МАНУ и пред новата министерка за рударство, Сања Божиновска. „Тргнавме од два принципа: дека Македонија е премала за големите апетити на рударскиот бизнис и дека за која економска активност и да се работи, таа мора првенствено да тргне од квалитетот на животот и заштитата на животната средина, а тие работи не ги видовме во оваа стратегија“, додава Поповска.
Некогашниот рудник на антимон во кумановско Лојане се наоѓа на приоритетната листа на рудници која сегашната Влада сака да ги отвори во склоп на својата програма за економско опоравување. Во кумановското село со децении локалното население живее незаштитено крај напуштеното и нетретирано рудното јаловиште со преку 450 илјади тони контаминиран материјал, додека токсичната прашина ја разнесува ветер наоколу, а дури и студии стари 17 години покажале дека во нивната вода за пиење има помеѓу 10 и 20 пати над дозволените количества арсен, кој е високотоксичен отров.
Државата, пред повеќе години зела пари од Обединетите Нации за изработка на студии за решавање на проблемот со јаловиштето, но до ден денешен ништо не е сторено. Единствено што се прави е што во бројни стратешки документи, посебно во оние од областа на заштитата на животната средина, случајот со Лојане редовно се наведува како жешка еколошка точка во државата, која е приоритет за санација.
Затоа пак, Лојане се најде меѓу четирите рудници кои сегашната Влада сака да ги отвори, иако не се наведува зошто токму тие четири. Сепак, може да се насети. Антимонот од Лојане се наоѓа на листата критични суровини на Европската унија, според документите објавени на страницата на Европската комисија. „Сигурниот и непречен пристап до одредени суровини е растечка загриженост во ЕУ и низ целиот свет. За да се справи со овој предизвик, Европската комисија создаде листа на критични суровини (CRM) за ЕУ, која е предмет на редовно разгледување и ажурирање. CRM комбинираат суровини од големо значење за економијата на ЕУ и со висок ризик поврзан со нивното снабдување“, стои во воведот на актот.
„За нас здравствените работници здравјето е пред сè останато, па разбирливо е дека земањето во предвид на потенцијалните штетни влијанија на рудниците по здравјето (од загадена вода, воздух и почва, индиректно и храна со тешки метали и други хемикалии (киселини, цијаниди и сл.) ќе биде клучно“, вели д-р Мирјана Димовска професорка на Медицинскиот факултет, специјалист по хигиена и здравствена екологија на прашањето како нови рудници ќе влијаат на загадувањето на животната средина, на воздухот и водата ако го земеме предвид досегашно домашно искуство (Лојане, загадување на водите од рудникот САСА, Бучим и сл.).„Лично сум на ставот дека ние како држава треба да се вртиме кон зелени економски активности, нови иновативни решенија и технологии, зелени работни места, не кон нешто што било одлика на минатиот век односно периодот по индустриската револуција“. Професорката Димовска вели дека како стручно лице не била информирана дека се подготвува национална Стратегија за рударство во која според нејзини сознанија, нема сознанија дека воопшто имало претставник на Институтот за јавно здравје. „Согласно она што го прочитав во медиумите, ако визијата е да се рестартираат некои постојни рудници, можам само да се надевам дека била изработена кост-бенефит анализа пред да се донесат такви одлуки. Таквата анализа би требало да опфати колкави ќе бидат економските ефекти и придобивки споредено со здравствените загуби односно евентуални трошоци (не само директни, ефекти врз смртноста во регионите, средства за лекување на здравствените ефекти кои би можеле да се појават, туку и индиректните трошоци отсуство од работа, училиште и слично“, додава професорката Димовска. „Како лекар сум против отворање (рестартирање) на рудници и апелирам кон свртување кон обновливи извори на енергија и зелени економии и работни места“.
Прашањето дали во Македонија можат да коегзистираат новоотворени рудници и постојно производство на храна, квалитетна животна средина и прифатената обврска од одржување и проширување на заштитените подрачја во склад со ЕУ регулативата му го поставивме и на професор Дединец, координаторот на изготвувањето на Стратегијата за рударство при МАНУ. „Прашањето е исклучително комплексно и не може да се одговори со еден едноставен став. Сепак, дел од одговорот може да се најде во нацрт-верзијата на Стратегијата каде на самиот почеток е истакнато: „Не по секоја цена искористување и експлоатација на природните ресурси на Република Северна Македонија, туку само во случај на максимална заштита на природните особености на животната средина и здравјето на луѓето, со користење на најсовремени паметни технологии, практики и знаења од најразвиените земји во светот“, е ставот на професор Дединец.
Сепак, екологистите не полагаат големи надежи во ветувањата дека модерните технологии и современите практики можат да помогнат еден рудник за метали да не загадува, бидејќи премногу негативни примери имаме и дома (во време на пишување на овој текст се појави информација за помор на риби со отровот цијанид во езерото Калиманци, во кое се слева Каменичка река која тече покрај јаловиштето на рудникот САСА), а да не се спомнат ужасните хаварии на рудни јаловишта низ светот (како Баиа Маре во Романија кога во околните реки истекоа 100 тони цијанид). „На Македонија ѝ тежат и овие неколку сега активни рудници, а камо ли да се отворат нови рудници за металични суровини и посебно не плаши што, откако Европската унија пред една година донесе акт за критични минерални суровини почна една трка по балканските земји каде да се отворат такви рудници. Многу сме исплашени кога гледаме што се случува во Србија со литиумот, кај нас најави за злато, за бакар, но и поради она што го предвидува Стратегијата, а тоа е отворање на мноштво рудници и повторно активирање на старите каде веќе постои тешко загадување“, вели Лилјана Поповска, поранешна пратеничка, сега еколошки активист.
ИМАМЕ ЛИ ДРЖАВАТА КАПАЦИТЕТ ДА СЕ СПРАВИ СО ЗАГАДУВАЊЕТО ОД РУДНИЦИТЕ?
Го прашавме надлежното министерство дали проценуваат дека надлежните институции, пред се инспекциите, посебно оние за рударство и за животна средина имаат доволен капацитет и ресурси за да вршат квалитетен и суштински надзор над работењето на сегашните, а посебно над идните рудници, кои допрва треба да се отворат. „Во моментов, ресурсите на инспекциските служби се ограничени, но Министерството планира зголемување на бројот на вработени и подобрување на техничките капацитети, со цел да се обезбеди квалитетна контрола врз рудниците и нивното работење според законските регулативи“, гласеше одговорот. Инспекцискиот надзор кој се однесува на животната средина го врши Државниот инспекторат за животна средина. Надзор над вршењето на детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини без концесија и дозвола за експлоатација на минерални суровини, покрај надлежните инспекциски органи врши и Министерството за внатрешни работи. Надзор и контрола над плаќањето на надоместоците за вршење на детални геолошки истражувања и за концесија за експлоатација на минерални суровини врши Управата за јавни приходи. Од Министерството додаваат и дека е планирано подобрување на координацијата помеѓу овие инспекциски служби и кадровско зајакнување, со цел ефективна и ефикасна контрола врз придржувањето кон законските регулативи.
ДИЖС со години има хроничен недостаток на инспектори, но и пари, опрема, возила, всушност на човечки ресурси и теренски возила и за објектите кои сега ги мониторира. Тоа го признаваат и оттаму, а најавуваат и дека согласно Програмата на Владата 2024-2028 треба да се устрои единствен инспекциски систем во животната средина на централно ниво. „Моја лична проценка е дека ДИЖС може да одговори со надзори кај правните субјекти во моментов, но очекуваме нови инспектори заради одржување на континуитетот и ефикасно спроведување на законодавството“, вели Дарко Блинков, Генерален инспектор за животна средина при ДИЖС.
Досегашната пракса покажала само делумна подготвеност на државата соодветно да се справи со историските депонии, во кои спаѓаат и неколкуте руднични одлагалишта на отпад. Засега најдалеку одмина зафатот на чистење на линданот од кругот на некогашната хемиска фабрика Охис во Скопје, која се уште чека пари за да биде завршена (се чисти само малата депонија, додека големата се уште не е ниту започната, како ни истражувањата на неколкуте други потенцијални локации контаминирани со отровниот пестицид).
Во случајот со Лојане, потенцијалната идна локација на рудник за антимон, Министерството за животна средина пред повеќе од една година ветуваше оградување и покривање на арсенот и другите отпадни минерални суровини расфрлани во Лојане и Табановце, како краткорочно решение, додека се најде концесионер што треба да го отстрани опасниот отпад од Лојане и Табановце и да го одложи на друга локација надвор од државата, но тоа се уште не е направено.
„Ако ги погледнеме економските параметри кои се користат како аргументи за отворање на рудници, и направиме конкретна економска анализа, ќе видиме дека вкупното рударство во Македонија, металично и неметалично создава вредност од 350 милиони долари годишно, во Стратегијата дури се наведува дека ако го развиеме бројката може да достигне и до 500 милиони долари. Но, ако го земеме само ИТ секторот, а јас работам 20 години во тој сектор, целокупниот ИТ сектор во Македонија само лани оствари 500 милиони долари извоз. Значи само ИТ секторот. Зејоделството само во југоисточниот плански регион продуцира нето ефект од 200 милиони евра во просек, секоја година. Е сега, ако само земјоделието во југоисточниот регион прави во просек 200 милиони евра годишно, а целокупното рударство во државата прави 350 милиони евра, каде е тука кост-бенефитот, дури и ако не земеме предвид дека рударството доаѓа со голем потенцијал за предизвикување сериозни еколошки последици, па и катастрофи, а без производството на храна, нема опстанок“, вели Танушев.
ЦЕЛИОТ БАКАР ЗА НАС ГО ПРОИЗВЕДУВАМЕ ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА РАБОТА, ДРУГОТО ОДИ ЗА ИЗВОЗ
Екологистите аргументираат дека на Македонија не ѝ требаат нови рудници, но ѝ треба вода и храна, а токму тие два стратешки ресурса се наоѓаат на удар на идните рудници. „На Македонија не ѝ требаат нови рудници на метали“, вели Горан Станишљевиќ, жител на Струмица, „над чии глави треба да никне рудникот Иловица“, како што вели. „Македонија ги има рудниците Бучим и Боров Дол кој за само неколку часа работа го произведуваат сиот бакар кој годишно и е неопходен, а сето останато потоа оди за извоз“, додава тој.
Има ли аргументи во полза на отворање нови рудници во државата и кои се тие, го прашавме и рударскиот сектор, односно Македонската асоцијација на рударство при Стопанската комора, но оттаму, и покрај дадениот десетдневен рок за одговор на прашањата и неколкукратните инсистирања, одговори не добивме.
Давањето дозвола за отворање, да речеме, за нов рудник за бакар, една од стратешките сировини за ЕУ, би значела практично давање дозвола за загадување, бидејќи не постои рудник за бакар кој не загадува, велат од еколошките здруженија. А никој досега не дал гаранција дека Македонија може да се справи со сето тоа потенцијално идно загадување, посебно кога веќе покажавме дека не можеме да се справиме ниту со сето она загадување на нашите води, почви и воздух кои сега ни се случуваат.