Home » Ќе се продава одземениот имот на Груевски и Мијалков, проценет на 29 милиони евра

Ќе се продава одземениот имот на Груевски и Мијалков, проценет на 29 милиони евра

by Журнал.мк

Одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков во наредниот период ќе биде ставен на продажба, потврдија за Телма од Агенцијата за управување со одземен имот. Се очекува државата да инкасира најмалку 29 милиони евра. Станува збор за станови, апартмани и градежно земјиште кои на Груевски му беа одземени со правосилни судски одлуки и почетната проценета сума на имотот е речиси осум милиони евра.

„Двата стана на „Бихаќка“ и трите апартмани во „Панорама резиденс“, а, исто така, тука спаѓаат и Плацевите на Водно и тоа конкретно градежното земјиште во КО Центар и во КО Норово за кои почетната цена доставена од Бирото за процени е некаде околу 354 милиони денари“, изјави Ирена Илиевска, директорка на Агенцијата за управување со одземен имот.

Становите и апартманите се вкупно проценети на 1,9 милиони евра, а останата сума од 5,8 милиони евра е за плацевите на Водно. Становите кои се наоѓаат на ул. „Бихаќка“ се 65 метри квадратни и 44 метри квадратни. Груевски, во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, побегна во Унгарија каде што доби политички азил. За случајот „Плацеви на Водно“ експремиерот беше осуден на девет години затвор, бидејќи со парите од донации во ВМРО-ДПМНЕ си го купил имотот.

Мијалков призна вина во случајот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството на три години казна затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“. Почетна цена на имотот на Мијалков кој остана непродаден е 21 милиони евра.

„Ќе се продава сето она што остана непродадено, согласно пресудата, меѓу кои се станови, гаражи, апартмани во хотелот „Панорама резиденес“, градежното земјиште во Центар, градежното земјиште во Богородица, деловен простор и некои други објекти. Вкупната проценка за овој имот доставена од Бирото за процени изнесува некаде околу 21 милион евра, која што би била како почетна цена на лицитацијата“, додава Илиевска.

Инаку лани фирмата „Бест Веј инвестментс“ на Јордан Мијалков за околу 300.000 евра ги купи трите стана и една гаража на Водно кои беа конфискувани во случајот против неговиот татко. Становите беа од 73 и 78 квадрати, а гаражата 30-тина квадратни метри. Според пресметките, овие луксузни станови на Водно, агенцијата ги продала по цена од 1.384 евра за квадрат.

Агенцијата за управување со одземен имот најпрво ќе треба да побара дозвола од Владата за продажба на имотот. Во наредниот период на продажба ќе биде ставен и друг конфискуван имот, како и околу 50 одземени возила.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk