По Конгресот на СДСМ и најавите на Филипче дека ќе се менува концептот
Конгресното обраќање на лидерот Венко Филипче укажува дека најголемата опозициска партија ја менува стратегијата на дејствување откако во мај годинава доживеа изборен дебакл. СДСМ многу повеќе ќе биде свртен кон граѓаните и нивните проблеми отколку кон исполнувањето на условите за евроинтеграција на земјата, на што речиси целосно беше посветен досега. Тоа го отвора прашањето колку СДСМ во иднина ќе го држи во својот фокус процесот на запрената евроинтеграција на земјата. И политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски смета дека една од најголемите причини за поразот на СДСМ е по секоја цена да се избуткаат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот
Многу поголема свртеност кон граѓаните и нивните проблеми отколку кон исполнувањето на условите за евроинтеграција на земјата, на што партијата речиси целосно беше посветена досега. Ова, извесно, е една од значајните промени во партиската политика на СДСМ, која, на завчерашниот конгрес, ја најави партискиот лидер, Венко Филипче. Таа, без друго, укажува дека најголемата опозициска партија ја менува стратегијата на дејствување откако во мај годинава доживеа изборен дебакл. И според политичките аналитичари, обраќањето на Филипче е сигнал дека се менува концептот на дејствување, околу што постои неизвесност дали ќе го донесе посакуваниот резултат.
Анализата на обраќањето на лидерот на социјалдемократите укажува на што ќе се темели нивниот партиски ангажман. За изборниот историски пораз, според него, од различен агол биле „виновни сите“, ароганцијата ќе биде „закопана“, не смеело да се дозволи целата енергија да се посвети на евроинтеграциите, партијата не смеела да биде „сервилна кон коалициските партнери“, а и во редовите на неговите сопартијци имало поединци „кои ги прифатиле лошите навики што режимот ги оставил во наследство“… Ова се, практично, пунктовите на кои СДСМ ќе ги поправа сопствените грешки и каде што ќе се кали и новата заменичка-претседателка, Фани Каранфилова-Пановска, заедно со старо-новите кадри во најголемиот партиски орган – Централниот одбор.
– Поради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО, напорите за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, нашите влади ја занемарија ефикасноста во обезбедувањето на сервисните функции на државниот апарат. Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава, која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања. Не смееше да дозволиме евроинтеграциите да бидат оправдување за неиспорачување на дел од програмата и ветувањата што ги дадовме пред граѓаните – потенцира Филипче.
И политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски коментира за весникот ВЕЧЕР дека една од најголемите причини за поразот на СДСМ е по секоја цена да се избуткаат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.
– Тоа не беше најприфатливо решение за мнозинството граѓани, дури и за тие од нивната провиниенција. Веројатно, ќе треба да понудат политики што ќе имаат допирна точка со реалните проблеми и потреби на граѓаните, не само со „апстрактни теми“ како ЕУ и НАТО – смета овој аналитичар.
Ова, сигурно, го отвора прашањето колку СДСМ во иднина ќе го држи во својот фокус процесот на запрената евроинтеграција на земјата. Односно колку ќе „притиска“ да бидат донесени уставните промени за да се исполни клучниот услов за деблокада на процесот. Истовремено, се поставува и прашањето за идните односи со ДУИ откако Филипче јасно кажа дека биле „сервилна партија“.
– Не смееме да го занемариме впечатокот на јавноста дека бевме сервилни кон коалициските партнери. Тие ги злоупотребија нашите широчина, демократски капацитет за владеење и посветеност за искрена инклузивност во работењето на сите нивоа во Владата. Од ова искуство треба да извлечеме една силна важна поука. Никогаш повеќе СДСМ не смее да биде во подредена положба или на штета на сопствениот рејтинг да ги одржува политичките коалиции – нагласи Филипче.
За аналитичарот Атанасовски, очигледно е дека на социјалдемократите им треба дистанцирање од „интегративците“.
– ДУИ во моментов е „детето од катран или лепрозна политичка партија“ на македонската политичка сцена. Веројатно, ќе треба дистанца од оваа партија, барем додека не стане евентуално прифатлив коалициски партнер во иднина, за делење на власта – смета тој.
Од ова, но и од односот кон другите прашања, според Атанасовски, кој не гледа големи кадровски промени во најголемата опозициска партија, ќе зависи тоа дали СДСМ ќе се врати како силна партија. Изборот е единствен: или консолидација или дополнителна фрагментација. (Б.Ѓ.)
Мицкоски: Ќе продолжат со оние конструкции, измислици, ниски страсти, навреди…
Разочараност од новото раководство на СДСМ искажа денеска премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Прво, членовите на конгресот или на општинските организации на СДСМ си избраа раководство какво што заслужуваат. Тие најдобро знаат. Ние не можеме да кажеме какво раководство треба да има СДСМ. Тие одлучиле дека заслужуваат такво раководство и во ред, тоа е што е. Второ, што можам да пратам како порака, е дека не сум импресиониран од ова раководство, напротив, разочаран сум затоа што ценам дека овие луѓе не може да бидат конструктивна опозиција и додадена вредност на политичката сцена кај нас. Ќе продолжат со оние конструкции, измислици, ниски страсти, навреди, дневнополитички и тоа е што е – рече премиерот Мицкоски.
Според него, локалните избори в година ќе бидат првиот тест за новото раководство на СДСМ, кога ќе се види дали новото раководство ќе понуди нешто ново.
Ова е тест за Каранфилова-Пановска
На посебен тест ќе биде и Фани Каранфилова- Пановска, која на одговорна партиска функција доаѓа од невладиниот сектор, што значи дека нема партиско искуство.
– Моето нафаќање и ангажман ќе биде особено значајно и се надевам ќе биде од голема помош во оваа фаза на темелни внатрешни промени и реформи, дефинирање на новиот курс и позиционирање на партијата, имајќи ги предвид сите предизвици, а особено оној, за мене, клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено – им порача таа на сопартијците.
Аналитичарот Атанасовски смета дека таквата функција бара партиско искуство.
– Ќе суди и ќе покаже времето. Сепак, сметам дека за така многу висока функција, треба да пледира некој со робустен партиски багаж и огромен партиски интегритет и кредибилитет во моментов.