Home » Ќе има ли смена на Моника Зајкова?

Ќе има ли смена на Моника Зајкова?

by Журнал.мк

Внатрепартиските тензии во Либерално-демократската партија (ЛДП) се интензивираат, со сѐ погласни барања за смена на актуелната лидерка Моника Зајкова. Противничкото крило, незадоволно од изборните резултати и насоката во која се движи партијата, најавува засилени активности за промена во раководството.

Како што наведува ТВ 24, дел од иницијаторите за смена велат дека Зајкова мора да преземе одговорност за изборните резултати и бараат свикување на вонредно партиско собрание. Според нив, партијата нема јасна стратегија, додека лидерот „седи во опозицијата, а кокетира со власта“.

„Една од главните причини за свикување на собрание е тоа што не знаеме партијата на каде се движи. Нашата лидерка сè уште седи од едната страна, а намигнува на другата страна и бара поддршка за локалните избори. Нашиот став е дека треба да одиме сами на изборите, како што отидовме и на претходните, каде што ќе можеме да бидеме препознатливи со наша програма и политики,“ изјави Андреј Крстевски од ЛДП.

Опонентите тврдат дека Зајкова, двапати, како што велат, на „шверцерски начин“ барала поддршка од Централниот одбор, но сметаат дека вистинската легитимност доаѓа само преку партиско собрание. Некои од иницијаторите дури се подготвени да ја поддржат Зајкова, доколку презентира квалитетна програма.

Од друга страна, Зајкова ги отфрла обвинувањата и инсистира дека Централниот одбор е единствениот орган што може да одлучи за свикување на партиско собрание. Таа истакна дека на последната седница во петокот, Централниот одбор утврдил нерегуларности и злоупотреба на потписи во иницијативата за вонреден конгрес.

„Централниот одбор е тој кој ја носи одлуката за свикување на собрание. Имавме гласање на доверба на крајот на мај, а сега повторно, по иницијативата, се нотираа злоупотреби. Овие прашања за нас, либерал демократите, се затворени, но не е затворено прашањето за сите оние кои преку лоши намери пробале да манипулираат,“ изјави Зајкова за ТВ 24.

Таа категорично негира дека „кокетира со власта“ и нагласува дека партијата настапува независно, со своја политика. Зајкова потсети дека има мандат уште две години, а опонентите од раководните структури веќе биле разрешени од Централниот одбор.

Додека крилото што бара промени планира да го прошири својот став и внатре во партијата и надвор од неа, Зајкова е уверена дека постапува во согласност со правилата. Следните чекори на двете страни ќе покажат дали ЛДП ќе се соочи со длабока криза или ќе успее да најде компромисно решение.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk