Венко Филипче покажува разбирање за политиките на ДУИ гласи одговорот на премиерот Мицкоски на вчерашната изјава на првиот човек на социјалдемократите дека е отворен за коалициски преговори за локалните избори и со ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека очекува општествена поддршка за кандидатите од владините коалициски партнери.
„Тој е можеби еден од ретките политичари кои што на отворена сцена покажува разбирање за политиките на Демократската унија за интеграција. Така ми кажаа дека тој покажал разбирање за аргументите на Демократската унија за интеграција, нешто за што ние веќе континуирано зборуваме дека коалицијата Левица, СДСМ и Демократската унија за интеграција перфектно функционира. Инаку, јас очекувам општествена поддршка за кандидатите на владината коалиција“, вели Христијан Мицкоски.
Филипче вчера во интервју за Канал 5 на прашањето дали е можна да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ во некои општини за локалните избори рече дека досега немале средби но дека е отворен за сите коалициски комбинаторики во интерес на граѓаните.
„Не сме имале разговори, ниту пак средби на тоа ниво, и покрај тоа што има некои одредени повици од страна на премиерот, од негови коалициски партнери и има одговор и од наша страна. Ние таква комуникација за соработка на локално ниво до сега не сме имале. Јас сум апсолутно отворен за буквално сите можни коалициски комбинаторики, кои ќе донесат бенефит за граѓаните“, вели Венко Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека тие ќе се поддржуваат во некои општини со нивниот владин коалиционер ВРЕДИ. Од СДСМ се уште не се изјаснил како ќе настапи, но од последните изјави јасно е дека нема да биде во коалиција со ДУИ. Од партијата на Ахмети исто така не е познато дали ќе одат на изборите сами или пак како коалиција Европски фронт.