Home » Ќе има ли дополнително замрзнување на цените на производите?

Ќе има ли дополнително замрзнување на цените на производите?

by Журнал.мк

Статистика пресмета енормен раст на цените на основните производи и услуги. За една година маслото поскапело за 25%, лебот и шеќерот за над 9%, овошјето и зеленчукот за 6,5%, а месото за скоро 6%. Покрај тоа, во време на пандемија не престануваат да растат ниту цените на фармацевтските производи, кои во декември лани биле за 3% повисоки споредено со истиот месец претходната година. Транспортот, пак, поскапел за скоро 17%.

Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, трошоците на едно семејство само за покривање на основните потреби пораснале за дури 1.150 денари.

Министерството за економија неделава ќе анализира дали е потребно повторно да се интервенира за да се заштити куповната моќ на граѓаните.

“Ние веќе го проширивме списокот од првичната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Бидејќи извештајот овие денови е објавен од страна на Државниот завод за статистика, во текот на оваа недела ќе се направат дополнителни анализи во склоп на Министерството за економија и ќе бидете известени до крајот на неделата за начинот како ќе продолжи да се имплементира оваа мерка или, пак, целосно ќе се укине. Уште еднаш, за да бидеме попрецизни, пред година и пол ние веќе донесовме слични одлуки во делот на замрзнување, не на цените, туку во замрзнување на маржите на увозниците во делот на увоз на тие производи кои беа наведени и кои се користат од страна на потрошувачите. Зборуваме за основни прехранбени производи, согласно Законот за трговија“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

За да го намали ценовниот удар врз граѓаните, Владата веќе замрзна цени на повеќе основни прехранбени производи, кои до крајот на јануари ќе се продаваат по цени како што биле на 1 декември лани.

На терен, трговците во најголем дел ја почитуваат мерката. Од извршени над 300 контроли кај трговците ширум земјава, пазарните инспектори затекнале само 6 случаи каде не се почитувала владината одлука. Петмина трговци се од Гостивар, а еден од Битола. Покрај обврска да ги вратат старите цени на производите, за нив се изречени и парични казни, чија висина зависи од големината на фирмата и се движат од 800 до 10.000 евра.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk