21.8 C
Skopje
Friday, July 30, 2021

Ќучук: Преку доверба и разговор до решенија за подобра иднина

Најчитани вести

Европратеникот Илхан Ќучук гледа огромни можности во бугарско-македонските односи, поради што, како што нагласува, довербата меѓу двете земји треба да се врати, да се надградува, по што е можно наоѓање заеднички јазик за сите отворени прашања. Блокадата, потенцира тој, на никаков начин не и помага ниту на ЕУ, ниту на двете земји.

-Ние како политичари сме должни да ги поставиме и бугарско-македонските односи и регионалните прашања, а и европските на една многу подобра перспектива, изјави европратеникот, кој е известител за земјава во Европскиот парламент.

Тој, во разговор за Трилинг на ТВ 24 вести, потенцираше дека треба да се врати довербата во Договорот, затоа што, како што нагласува, тоа е добра основа за решавања на некои историски прашања и за поставување на нова перспектива пред двете земји. Довербата беше изгубена од двете страни, рече Ќучуќ додавајќи дека таа е важна за да се вратат сите политички прашања на масата за преговори и да се најде решение.

-Компромисно решение е она што ќе биде добро прифатено. Ако има волја, такво може да се најде. Тоа го заслужуваат народите на двете земји, рече Ќучук.

Според него, во градење на довербата и во надминување на отворените прашања многу е битно да се тргнат настрана национализмите.

-Национализмот пречи исклучително многу. Тука зборувам за двата национализма, едниот тука во Скопје, другиот во Софија. Тој никогаш не создавал пријателство, туку омраза и нетрпеливост еден кон друг, рече европратеникот додавајќи дека токму затоа тој треба да се избегува и да се гради пријателство, партнерство, и добрососедски односи од што, како што вели, корист ќе имаат сите.

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, беше во дводневна посета на земјава во чии рамки беа предвидени средби со министерот за надворешни работи Бујар Османи, со шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, претставници на парламентарните групи и со други државно-политички претставници. Посетата се реализира во пресрет на гласањето за Нацрт-резолуцијата за Република Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи во рамките на Европскиот парламент, како централна тема на сите средби.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести