Современи поефикасни лекови кои пациентите ги купуваат приватно, иако плаќаат здравствено осигурување, ќе бидат ставени на позитивната листа. По повеќе од една деценија, здравствените власти најавуваат нејзино обновување. Фармацевтските компании можат да почнат да ја подготвуваат документацијата, правилникот со критериумите е подготвен, а формирана е и комисија. Стручните лица двапати месечно ќе ги разгледуваат апликациите кои ќе доставуваат предлози, кој лек да се најде на товар на фондот.
„Новиот правилник за ставање лек на позитивната листа е усогласен со европските правилници што се со години во сила во европската унија. Ќе им овозможи на фармацевтските компании особено на иновативните компании, да регистрираат поголем број на лекови во република Македонија со што ќе се овозможи достапноста на лековите до пациентите“, изјави проф. д-р Љубица Шутуркова, претседател на стручната комисија.
Кога целосно би се обновила позитивната листа, нема краен рок, министерот за здравство, вели процесот етапно ќе се одвива.
„Верувам дека фармацевтските компании веќе ја подготвиле потребната документација за да одговорат на барањата на правилникот и дека во блиска иднина ќе пристигнат и првите апликации. Грижата за пациентите е наш стратешки приоритет и во таа насока министерството за здравство континуирано работи на надградување на прописите со кои се уредува областа на лековите“, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Изминатите денови на пациентите со цистична фиброза им било извршено компјутерско снимање на белите дробови, според Меџити, 80 проценти од болните ги немале завршено рендгенските снимки, а тие се еден од критериумите за добивање на лекот „Трикафта“.