-9.2 C
Skopje
Tuesday, January 25, 2022

Ќе се носи закон за вонредна состојба и ќе се менува тој за помилувањата

Најчитани вести

Пратениците се враќаат на своите работни места во септември, а според владината законодавна програма за 2021, едни од најважните што ги очекува за разгледување од новите предлози што ги токми Владата а допрва треба да влезат во Собранието, се предлог законот за помилување и законот за вонредна и воена состојба.

Изработен од Министерството за правда во септември, според агендата на владината програма, треба Владата да усвои предлог закон за помилување, а со цел да се отстранат недореченостите од членот 11 за „надминување на проблемите во досегашната пракса од оваа област“, односно претседателот на државата да не може по своја волја да ги одбира помилуваните лица.

Инаку во членот 11 се вели дека „претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“.

Во ноември според есенската агенда треба да следи и закон за вонредна и воена состојба, кој до сега се третираше само во Уставот, а предизвика недоречености со прогласувањето на пандемијата кога Владата можеше да носи уредби со законска сила.

Постапката за прогласување на вонредна состојба е предвидена само во два члена од Уставот, а голем дел од државите во регионот имаат изгласано посебен закон за прогласување на вонредна состојба.

Според програмата за 2021 на Владата следуваат и закони кои ќе гарантираат инвестициски задолжувања за да се позајмат средства од меѓународните кредитори за изградба на магистралните гасоводи Гостивар – Кичево и Свети Николе Велес, за патната делница од автопатот Скопје – Блаце, односно за негова доизградба. Ќе има и закон за задолжување од Европската инвестициска банка за изградба на пругата од Крива Паланка до Деве Баир. Станува збор за заем за третата делница од коридор 8. На истиот начин од Европска банка за обнова и развој ќе се бара заем за фотонапонски централи во Осломеј 2 и Битола.

Други предлози се и закон за заеднички пазари за земјоделски производи како стратешки приоритет и закон за судскиот буџет со кој ќе се направи рамномерна распределба на средствата за судовите и „надминување на актуелните слабости“. Ќе се менува и Законот за даночна постапка, за кој Министерството за финансии верува дека ќе се зголеми наплатата на „споредните даночни давачки“.

Измени ќе има и во законот за финансиска дисциплина. Јавните претпријатија и министерства, односно субјектите од јавниот сектор, кои ангажираат приватни оператори преку огласи ќе мора да го исплатат долгот кон нив за 30 наместо како досега за 60 дена со цел да се зголеми ликвидноста во стопанството.

Во ноември ќе следува и предлог-закон за жестоки алкохолни пијалоци. Ова ќе биде посебен закон со кој ќе се регулира ставањето во промет на ракијата, како и другите жестоки пијалаци,. Владата најавува дека ќе се регулира нивното обележување, стандарди за квалитет и регистрација.

По претходно предложен нов закон за банките, ќе се предложи и закон за закрепнување на банки со проблеми. Со овој закон супервизорските органи ќе може брзо да делуваат доколку се јават ризици во работењето на одредени деловни банки. Законот треба да овозможи, се вели, финансиска стабилност со пазарна дисциплина и доверба на јавноста во банкарскиот сектор. Од Владата велат дека на овој начин ќе се намали потребата од јавни средства за обештетување и ќе се заштитат депонентите.

Ќе следува и предлог закон за објекти за спорт со кој, според Владата, ќе се анализираат концесиите и договорите за спортските објекти и сали. Преку предлог закон за работните односи ќе се регулираат нови видови на договори кои ќе се уредуваат помеѓу работодавачите и работниците.

Патениците се на годишен одмор. Според Деловникот на Собранието, одморот на пратениците е до крајот на август. Седниците ќе продолжат по одморот, кога ќе работат по преостанатите незавршени седници. Нова седница ќе биде закажана на средината на септември.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com