Антикорупциска ќе достави иницијатива за кривично гонење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко поради сомневање дека двапати назначил в.д. Директорка во основно училиште која не ги исполнувала условите. Го немала потребното работно искуство, ниту уверение за положен испит за директор. Пријавената предавала предмети за кои не била стручна и за кои е потребно високо образование, со анекс договор го зголемила фондот на часови, што е спротивно на законот. Ќе бараат кривично да одговараат и директорката и вработените кои и помагале да ги фалсификува документите кои и биле потребни за изборот на функцијата директор.
„Предавала различни наставни предмети за кои не била соодветна и не ги исполнувала условите за наставник согласно член 3 од законот за наставници и стручни соработници во основните и средни училишта, бидејќи со дипломата се стекнала на 1.4.2022 година и истата претходно била вработена со средно образование. Лицето не ги исполнувало условите за в.д директор, немала најмалку 5 години работно искуство во воспитно-образовната работа“, изјави Шемси Салаи, член на ДКСК.
Според антикорупциска, Мерко не го задолжил училишниот одбор да донесе одлука за објавување јавен оглас за избор на директор на училиштето, иако тоа не е причина одборот да го стори тоа самоиницијативно.
„Управните одбори самоиницијативно можат да распишуваат огласи и да не го чекаат градоначалникот, бидејќи ако тој не ги извршува надлежностите тие треба да продолжат за заштита на јавниот интерес. Нема оправдување дека тој не објавил, па пропуштиле, па не знам што се случувало. Кај нас само оправдувања, се чини никој не се бори за успеси“, изјави Нури Бајрами, член на ДКСК.
Надзорот на спроведување на законите не е системски уреден, а тоа доведува до неефикасно спроведување на законите, антикорупционерите донесоа одлука за изменување и дополнување на националната стратегија. Токму надзорот е една од новите области што се предлагаат.