-3.7 C
Skopje
Monday, January 18, 2021

Ќе никнуваат ли портали како печурки пред избори за да „заработат“ државни пари?

Најчитани вести

Сопствениците на портали предупредуваат на тоа дека во овој период од речиси шест месеци до избори, наменски се отвораат портали, за да се „заработат“ државни пари, или пак да станат партиски гласила на секоја партија која ќе учествува на изборите, а за тоа да се плати со пари од џебот на граѓаните.

За претстојните предвремени парламентарни избори, се уште важат истите законски измени за учество на медиумите во изборната кампања и начинот на огласување. Доколку во меѓувреме не се донесат некои измени ДИК ќе се води според нив.

„За учество на порталите не е битна содржината што ја објавуваат, а за да влезат во регистарот на ДИК, треба навремено да се пријават со ценовник, и потврда за регистрација во Централниот регистар“, вели Љупка Гугучевска, портпарол на Државната изборна комисија за „Журнал“.

Во соопштението испратено до електронските медиуми за Претседателските избори 2019 година се вели дека доколку сакаат да учествуваат во политичката кампања должни се да се регистрираат во Државната изборна комисија во рок од три дена од денот на распишување на изборите.

„Електронскиот медиум (интернет портал) доставува до Државната изборна комисија „Барање за упис во регистер на електронски медиуми (интернет портали)“ и задолжително во прилог на барањето доставува тековна состојба, издадена од Централен регистар на Република Македонија. Тековната состојба не смее да биде постара од 6 месеци. Врз основа на поднесените барања за упис, Државната изборна комисија ќе изготви „Регистар на електронски медиуми (интернет порталите)“ кои ќе даваат услуги на платено политичко рекламирање за Претседателските избори 2019 година. Регистерот ќе биде јавно објавен на интернет страната на Комисијата“, се вели во соопштенито.

Додаваат дека интернет порталите, кои нема да се регистрираат во ДИК, односно нема да бидат во Регистарот, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за Претседателските избори 2019 година.

Она што најмногу ги иритира сопствениците на портали со повеќегодишно постоење е фактот што при ваквото доделување пари во политички кампањи, воопшто не се води сметка за тоа колку време постои медиумот и дали се запазуваат новинарските стандарди при објавувањето текстови.

За да се надмине оваа состојба, годинава, Здружението на новинари реши да формира регистар на онлајн медиуми за да го подобри известувањето на порталите кој се главни креатори на дезинформации, клевети и невистини. Регистарот ќе ги содржи професионалните портали кои ги исполнуваат условите да бидат медиуми, а борбата сонеквалитеното новинарство ЗНМ ја реализира во соработка со Стопанската комора и Советот за етика на медиумите.

„Моменталното решение на ДИК од после претседателските избори се покажа како несреќна солуција со која средства добиваа портали коишто и воопшто не објавуваат информативни содржини, а има индиции дека свесно се креираат портали токму шест месеци пред избори. Во Регистарот влегуваат професионални медиуми кои ги почитуваат строгите критериуми на СЕММ, па иако тоа не е облигаторно, ДИК секако подобро е да го следи нашиот Регистар отколку вака хаотично да одлучува“, вели Катерина Синадоновска од Советот за етика, за „Журнал“.

Таа појаснува дека Регистарот не е готов, но до сега во него се впишани шеесетина онлајн медиуми.

Од порталите, за претходните претседателски избори најмногу се „збогатиле“ Курир, Лидер, Денешен и неколку останати, кои од Гордана Силјановска-Давкова добиле 952.924 денари. Следат порталите Вечер, Вести.мк и Весник.ком, кои добиле 362.906 денари и порталот Република со 352.454 денари, исто така само од Силјановска-Давкова.

Помалку од овие портали добиле порталите А1он, Макфакс и Плусинфо, на кои се рекламираат и двајцата кандидати кои влегоа во вториот круг, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Според извештаите на двајцата претседателски кандидати, на контото на Клип Медиа Груп, односно порталите А1он и Макфакс легнале 223.075 денари – 133.812 денари од Пендаровски и 109.263 денари од Силјановска-Давкова. Плусинфо пак, од двајцата кандидати добил 105.343 од Гордана Силјановска-Давкова и 36.331 денар од Стево Пендаровски, или 141.674 од двајцата кандидати. Ромскиот портал 24вакти од двајцата кандидати вкупно добил 28.570 денари, 10.750 денари од Пендаровски и 17.820 денари од Силјановска.

Претходно пак, кога пратениците располагаа со државни пари за спроведување на референдумот за промена на името на државата во 2018 година, до ДИК пристигнаа повеќе од 130 медиуми кои беа заинтересирани да ги рекламираат ставовите на пратениците.

Тие ажурно ги понудија своите услуги и ценовници, а на листата беа и познати и помалку познати медиуми, влијателни и помалку влијателни, а меѓу нив имаше медиуми кои се ориентирани на спортски вести, на забава, но најмногу медиуми кои имаат широка лепеза на информации.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести