Home » Ќе направиме вонреден инспекциски надзор на Клиниката за Онкологија, сите пациенти да пријават ако имаат било какви сомнежи

Ќе направиме вонреден инспекциски надзор на Клиниката за Онкологија, сите пациенти да пријават ако имаат било какви сомнежи

by Журнал.мк

По објавата на „Фокус“ дека доктори и медицински сестри препродаваат скапи лекови за болните од рак на црниот пазар, со реакција се јавија од министерството за здравство, од каде истакнаа дека ќе направат вонреден инспекциски надзор на скопската Клиника за онкологија. 

„Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска ќе побара од ДСЗИ да испрати вонреден инспекциски надзор во Клиниката за онкологија, како би се утврди фактичката состојба по објавената статија во неделникот „Фокус“.

Во текот на следната недела министерот Меџити ќе оствари и работен состанок со директорката на Клиниката.

МЗ апелира доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат каков било сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ“, се наведува во реакцијата од ресорното министерство.

Претходно од Основното јавно обвинителство истакнаа дека против повеќе лица вработени на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија се покренати истражни постапки за кражба и поткуп за примање терапија.

„Фокус“ веќе подолг период ја следи оваа тема и досега имаме објавено повеќе текстови за истата, но во последниот број на неделникот ја разоткривме разработената криминална бизнис шема со препродавање на лекови.

Во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Според нашите доброупатени извори, во системот се внесувале и блиски роднини на екс менаџментот на клиниката, кои не се болни од карцином, но лековите што се наменети за нив, се препродавале. Исто така, на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, односно, според неофицијалните информации, на Косово. А, за да можат навремено да го почнат лекувањето, некои пациенти за испитување со пет скен плаќаат и по 700 евра „под рака“.

Целата оваа голема испреплетена мрежа за препродавање лекови на површина излегува кога со Министерството за здравство управуваше Беким Сали, кој доаѓаше од редовите на Алтернатива, кои во тој период беа коалициски партнери со СДСМ и ДУИ.

Само неколку месеци пред да биде разрешен од функцијата, на Онколошката клиника влегоа инспектори за да ја прочешлаат работата, а контрола беше испратена и од Фондот за здравство. Па така, една по една почнуваат да излегуваат криминалните шеми, продавањето на лековите, како и кој го правел сето тоа.

Според доброупатени извори од клиниката, дел од докторите и повеќето од медицинскиот персонал биле повикани на разговор кај екс министерот Сали, за да му објаснат што се случува зад затворени врати на Онкологија. „Фокус“ направи увид и во дел од документацијата, но разговараше и со многу од вработените во клиниката, кои споделија доста шокантни информации.

Пред неколку години, поточно во 2018 година, Министерството за здравство донесе одлука сите лекувања, хемотерапии, зрачења и хируршки интервенции за малигно болните пациенти да бидат бесплатни, односно да не се плаќа никаква партиципација. Сепак, тоа отвори пат за полесно да се развие и прошири бизнисот „под рака“ на онколошката клиника, кој трае години наназад.

Нашите информации говорат дека, како и во секоја јавна здравствена установа, постои систем во кој се запишуваат медицинските истории на сите пациенти што се лекуваат на клиниката, од тоа од што боледуваат, па сѐ до начинот на терапија што ја примаат во моментот.

Според дел од медицинските истории на Онкологија, во кои имавме увид, во време кога организациски директор на клиниката бил Нехат Нухи, се креирал список со лажни болни пациенти од канцер, меѓу кои имало и членови на неговото семејство. Лековите што наводно биле потребни за нив, веројатно се препродавале.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More