Home » Љутков и комесарот Токура: Преку меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Љутков и комесарот Токура: Преку меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

by Журнал.мк

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Владата оствари билатерална средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, кој е во дводневна работна посета на нашата држава. По средбата, Љутков и Токура потпишаа Меморандум за соработка во областа на културата, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави.

Во изјавата за медиумите, министерот Љутков посетата на јапонскиот комесар за култура ја оцени како историска, бидејќи, како што нагласи, сите наши заложби за продлабочување на блиските и пријателски односи со Јапонија, во оваа година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи, се материјализираат со потпишувањето на Меморандумот за културна соработка.

Министерот за култура и туризам изрази очекување дека директната комуникација ќе овозможи реципрочни гостувања на ансамбли и репродуктивни уметници од музичко-сценската и театарската дејност, соработка меѓу музеите, галериите и уметничките центри, како и размена на искуства во управувањето на локалитетите кои се впишани на Листата на светското наследство на УНЕСКО, со оглед на тоа што Јапонија има впишано вкупно 26 локалитети.

Љутков ја нагласи можноста за соработка и во филмската дејност, имајќи го предвид фактот дека во Токио секоја година се одржува големиот филмски фестивал чиј еден од програмските директори е и Андријана Цветковиќ, на која ѝ упати благодарност за нејзиниот целокупен ангажман во реализацијата на оваа посета, но и за нејзиниот влог во градењето на односите меѓу двете држави, како прв резидентен амбасадор во Јапонија.

Упатувајќи благодарност за целокупната јапонска помош за нашата држава преку различни донации, грантови и проекти што го стимулираат нашиот економски, социјален и културен развој, министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина ќе се реализираат уште многу иницијативи и проекти кои ќе ги унапредат нашите односи.

На средбата, министерот Љутков го запозна комесарот Токура и со претстојното претставување на нашата држава во рамките на EXPO OSAKA 2025 година, каде што во чест на одбележувањето на 60-годишнината од проектот на големиот Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Јапонија ќе биде презентирана и изложбена поставка која ќе ги претстави особеностите на овој проект, а ќе има и други значајни програмски содржини, настапи на нашите реномирани уметници.

Јапонскиот комесар за културни врски, Токура, во изјавата за медиумите потенцираше дека потпишувањето на Меморандумот во година кога се одбележуваат три децении од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји претставува огромен поттик за развој на соработката која ги покрива сите сфери од културата и уметноста.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk