Home » Љупчо Николовски: Програмата за рурален развој е намалена за над 80 отсто – од 850 милиони на 150 милиони

Љупчо Николовски: Програмата за рурален развој е намалена за над 80 отсто – од 850 милиони на 150 милиони

by Журнал.мк

Љупчо Николовски од СДСМ во попладневниот дел од расправата за буџетот оцени дека земјоделството, според проектираните буџетски средства, не е во фокусот на извршната власт.

-Вкупниот буџет за земјоделството, за жал, е намален за 15,7 отсто, а тоа се должи на намалувањето на Програмата за рурален развој за над 80 отсто, од 850 милиони на 150 милиони. Се кратат и капиталните расходи, се намалува ИПАРД поддршката. Во земјоделството нема нова мерка, само продолжение на мерките што беа критикувани, а намалените проекции за 2025-та велат дека и догодина не можеме да очекуваме нови мерки. Ова е доказ дека земјоделството не е во фокусот на извршната власт, рече Николовски.

Реплицираше Бране Петрушевски. Му рече на Николовски дека нема морално право да зборува за иднината на земјоделците.

-Тие ви кажаа што мислат за вас. Лицемерно е да држите лекции и да критикувате, треба да одговорите како дозволивте милиониски субвенции за фирма блиска до Заев, исплата на илјадници евра субвенции за фирмата „ДСЗ Илинден“ или скоро два милиона евра брашно да биде пуштено во промет без уредно платени контролни маркички, напомена Петрушевски и најави одговорност за секој што работел незаконски.

Николовски му врати дека граѓаните не ги интересира театар, туку што предвидува Буџетот.

-Бегате од дебата. Институциите нека го расчистат ова што го наведовте, а вие, наместо да ја замајувате јавноста во отсуство на понуда, визија и програми, одговорете зошто е скратена за десет пати Програмата за рурален развој, зошто е скратена ИПАРД поддршката и зошто нема ниту една нова мерка и политика, рече Николовски, согласувајќи се дека секој треба да сноси одговорност ако нешто згрешил.

Дебатата продолжи со обвинувања. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека „опозицијата била само за крадење, а не за градење“, како и дека ветувала инвестиции, но не реализирала.

-Граѓаните многу малку знаат за БДП, но многу добро разбираат што е несигурност, небезбедност, мртов систем, лага или кражба, нагласи Рашела Мизрахи.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk