Home » Јуратович: Земјата да продолжи кон ЕУ, а интересите на граѓаните да бидат пред партиските

Јуратович: Земјата да продолжи кон ЕУ, а интересите на граѓаните да бидат пред партиските

by Журнал

Важно е да нема застој во процесот на приближување кон ЕУ. Знаеме дека наскоро ќе има избори, и важно е да нема поделби, изборната кампања да биде натпревар помеѓу идеи и различна агенда, но да се задржи добриот однос и да не се оди под црвената линија, а интересот на граѓаните да биде пред интересот на партиите, порача германскиот пратеник и претседател на парламентарната група на СДП во Бундестагот Јосип Јуратович по денешната средба со првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

– Многу ме радува што скрининг процесот со ЕУ во Брисел помина добро. Слушам многу позитивни реакции во однос на тоа, и ви честитам. Во однос на прашањето за пристапот во ЕУ, важно е целата енергија на земјата, целата позитивна енергија која што е настаната да се продолжи во правец на ЕУ, изјави Јуратович.

Посочи дека веќе подолго време доаѓа во земјава, го следи развојот и може да констатира дека има огромен напредок, дека оние проблеми кои претходно биле нотирани се решени.

– Тука мислам на слобода на печатот, за работи поврзани со правосудството, со полицијата, со безбедноста. Значи дека има голем напредок во овие области. Тоа мора да се види, тоа ние го гледаме и се надевам дека и граѓаните тоа ќе го видат, дека нема да се свртат назад, туку ќе бидат насочени кон иднината, и дека сето она што после изборите ќе се случува без разлика кој ќе биде, од која националност или од која партија, дека сепак ќе има демократски партии коишто пред се ќе го имаат интересот на граѓаните, а не интересот на политичката партија или своите лични интереси. Секогаш да се има на преден план интересот на народот, интересот на граѓаните и тој да има првенство, предимство пред интересот на партијата, истакна Јуратович по средбата со Маричиќ на која присуствуваа и негови колеги од германскиот Бундестаг, и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.

Вицепремиерот Маричиќ изрази благодарност за Резолуцијата што ја усвои германскиот Бундестаг за поддршка на македонскиот јазик, култура и идентитет.

– Тоа го сфаќаме како едно признание, едно уважување и потврда за она што ние го тврдевме долго време дека со поголема самодоверба треба да влеземе во процесот на евроинтеграции, дека не постои начин процесот на евроинтеграции да го загрози нашиот идентитет, јазик и култура, рече Маричиќ.

На средбата со германските пратеници ги изложил сите наши напори во текот на скринингот, како и сите чекори поврзани со европските прашања, од почетокот на преговорите минатото лето до денес.

– Му претставивме и на Јураотвич и на сите останати пратеници што е она што сме го направиле и поврзано со планот за раст и поврзано со реформите, секако дека имаме уште многу да направиме, но дека сме на вистинскиот пат. Ја претставив и ситуацијата пред претстојните избори дека постојат генерално два политички блока, оние партии без разлика на етничкиот предзнак којшто се за брзо членство во ЕУ и оние кои се против тоа. Нашата цел е да покажеме дека Северна Македонија има многу пријатели и поддржувачи на овој пат, дека германскиот Бундестаг е наш сојузник на патот кон ЕУ, и дека со такви пријатели треба заедно да го продолжиме патот и што поскоро да станеме членка на ЕУ, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ.

На средбата опострано била потврдена одличната билатералната и економската соработка меѓу двете земји, и дека Германија е најголем и клучен трговски партнер на Северна Македонија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More