Home » ЈСП остана без нафта, возат само 25 автобуси

ЈСП остана без нафта, возат само 25 автобуси

by Журнал.мк

Јавниот превоз во Скопје е пред тотален колапс. Недостигот на нафта веќе неколку недели го попречува нормалното функционирање на ЈСП и предизвика сериозен проблем на транспортот на учениците и на вработените во главниот град.

Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП, вели дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна, бидејќи речиси 70 проценти од возилата се паркирани.

-Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот циркулираат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Доколку денеска не се добие гориво и за нив, можно е веќе утре да нема ниту еден автобус по скопските улици – изјави Муча.

Поради ова, автобусите доаѓаат во значително помал број, а граѓаните се принудени да чекаат по еден час на студеното време. Кога на крајот ќе пристигне автобус, настануваат гужви и туркања.

Со саати се чека автобус”, вели една граѓанка.

“Не сум задоволна воопшто, ја нема 2-ка, ја нема ниту 50ка, со саати чекаме тие што живееме надвор од Скопје” изјави граѓанка.

Тонењето на ЈСП е на апсолутна штета на граѓаните. Претпријатието не било во полоша ситуација никогаш, а градот Скопје и сега успева да ја префрли одговорноста на некој друг, иако исклучиво вината е нивна. Оттаму, овој пат прстот го вперија кон Бирото за јавни набавки од каде според нив, била поништена тендерска постапка за набавка на гориво:

„Бирото првпат ја поништи постапката за набавка на гориво, но активно работиме на нов тендер,“ изјави Глигоров, генерален секретар на Град Скопје.

Од Бирото за јавни набавки пак информираат дека постапката што претходно ја спровел Град Скопје била спорна, а ја поништиле заради тоа што од Градот избрале неприфатлива понуда, која вооедно била единствена.

„Управната контрола, земајќи го во предвид ова, дала јасни упатства за тоа што треба да преземе ЈСП, кои биле вклучени во записникот од спроведената контрола. Односно, поради тоа што ЈСП избрал неприфатлива понуда, а немало други понуди во текот на постапката, Бирото за јавни набавки дало упатства комисијата за јавна набавка да ја поништи донесената одлука за избор и да го поништи целиот процес. Овие упатства се во согласност со член 177, став 3 од законот. Треба да се напомене дека ЈСП не ја искористил можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите кои му се на располагање” стои во соопштението

Според владејачката ВМРО ДПМНЕ, единствен виновник за настанатиот хаос е градочалничката Данела Арсовска која целосно го оставила на маргините јавното сообраќајно претпријатие.

“Граѓаните со часови чекаат на автобуските постојки на овие ниски зимски температури за да им дојде автобус на ЈСП. Кај што нема автобуси, така и тие што ги има Арсовска не ги одржува и постојано се расипуваат. А дел од нив поради нередовното сервисирање, возејќи се запалуваат, така што го загрозуваат животот на патниците и воопшто на сите граѓани,, стои во реакција.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk