„Бугарскиот државен патриотизам и македонскиот патриотизам не само што немаат ништо заедничко, туку се и сосема противречни, бидејќи бугарските влади и бугарската државна политика отсекогаш биле против самостојноста на македонското прашање и самостојноста на македонската емиграција. Тоа се, за нас Македонците, само нови и нови гревови против несреќна Македонија.“– напишал Арсениј Јовков, македонскиот поет и публицист, општественик, револуционер, учесник во Илинденското востание, преведувач, филмолог.
Арсениј Јовков е убиен на денешен ден, на 14 септември во 1924 година во Горна Џумаја од страна на терористите-џелати на Иван Ванчо Михајлов, кој работел по налог на бугарскиот премиер Цанков и бугарскиот министер за војна генерал В’лков заради ликвидација на сите Македонци-илинденци и револуционери, кои се спротивставувале и се бореле против државната политика на Бугарија за „конечно решавање на македонското прашање“ – присоединување на Македонија кон Бугарија.
Во својата вчерашна објава ОМО Илинден – Пирин за овие настани од историјата, трагични за македонскиот народ во Пиринска Македонија, истакнува: „Ова е Денот на геноцидот врз македонскиот народ во Пиринска Македонија. Станува збор за еден од најголемите масакри извршени од страна на крвниците на Ванчо Михајлов, подржани од тогашната бугарска власт, со директно учество на бугарска полиција и војска, како нивна поткрепа во атентатите.Ванчо Михајлов го искористил убиството на Тодор Александров како причина за одмазда кон сите Македонци (револуционери и обичен народ), кои решението на македонското прашање го барале преку обединувачкиот „Мајски Манифест“, односно не се сметале како дел од идна бугарска држава, во која Македонците ќе бидат сметани како Бугари. Се смета дека под командата на Ванчо Михајлов се убиени од 2000 до 3000 Македонци низ Пиринска Македонија и Бугарија.“
Во својата статија за Јовков од 6 јули 2016 година информативниот портал „Македонска нација“ има објавено: Арсениј Танасков Јовков (прекари: Пејко Селички, Стар Чинар) е роден на 25 март 1882 година во струшкото село Селци. Тој е син на Атанас Јовков, кој долги години се бори против месните бегови, а негов вујко е писателот Војдан Чернодрински. Арсениј завршил гимназија во Битола. Уште како ученик во Битолската гимназија, некаде околу 1900 година, почнува да пишува поезија, речиси истовремено со својот соселанец Војдан Чернодрински. Во пресрет на Илинденското востание, во престрелка со Турците, загинал таткото на Арсениј. Се уште средношколец Арсениј влегува во Македонската револуционерна организација. Во 1903 година учествува во Илинденското востание како секретар на војводата Атанас Тасе Христов. Се бори во Дебарца. По загинувањето на неговиот брат Нико Јовков Арсениј станува војвода на неговата чета.
Арсениј Јовков по востанието емигрирал во Бугарија. Неговиот живот е исполнет со огромна љубов кон Македонија, а неговите творби со вонредна лирска топлина. Тој е верен следбеник на илинденските идеали и како доброволец во Македонско-одринското ополчение учествува во Балканските војни. По 1921 година Арсениј Јовков е еден од раководителите на Илинденската организација, основач и уредник на весникот „Илинден“ (1921-1923). Во весникот пишува воведни статии и други материјали против поделбата на Македонија. По забраната за излегување на весникот „Илинден“, весникот се преименува прво како „Пирин“ (1923-1924), а потоа како „20 јули“ (1924). Арсениј работи како редактор во новоименуваните весници на Илинденската организација.
Фејсбук-профилот „Macedonia – True endless story“ (Македонија – вистинска бесконечна приказна“) се осврнува на животот и дејноста на Јовков: Арсениј Јовков во 1924 година сведочи за Македонците-бугаромани, кои за пари и корист пред еден век глумеле Бугари поголеми и од вистинските Бугари. Неговото сведоштво укажува на три нешта: 1. Имало, како што има и денес, мал број Македонци, кои за пари и лична корист учествуваат во политиката на официјална Бугарија против Македонија, 2. Најголем број Македонци тогаш останале Македонци, исто како и денес, па продолжиле да се борат за својата самобитност.
Самиот Јовков пишува: „Сите Македонци, кои чесно размислуваат, сите скромни и бедни до срж борци, сите тие светодејствуваат во својот храм – Македонија за својата самобитност и интереси, против интересите на Бугарија!“ (Арсениј Јовков: „Заблуди и истини“, „20 јули“, год I, бр.5 11 мај 1924 година).
Арсениј Јовков во текот на својот живот се јавува како литературен критичар, преведувач и филмолог. Во 1923 година заедно со Георги Занков, по свое сценарио, Јовков го снима документарниот филм „Македонија во слики“. Во овој филм, кој се сретнува уште како „Македонија“ се прикажани и снимки од пренесувањето на останките на Гоце Делчев во црквата „Света Недела“. Исто така, тој е автор и на сценариото за игран филм „Илинден“.
Тој е еден од авторите на Меморандумот на Илинденската организација од 17 април 1924 година, со кој се протестира против прогонот на македонските дејци од страната на бугарската влада на Александар Цанков. Исто така, позитивно се однесува кон Мајскиот манифест од 1924 година и идејата за обединување на левите и десните македонски патриотски сили. Оттука тој прв во Бугарија го публикува Мајскиот Манифест.
Во весникот „Илинден” од март 1923 година Арсениј Јовков говори за потребата на Македонецот да има свои права и борбата против тие што го потиснуваат (Белград, Софија, Атина). Тој истакнува дека веќе израснала свеста за македонската независност.
„Откако несреќната македонска земја е разделена на три дела, секој од нив стана арена на која се натпреваруваат политичките партии на соодветните држави. Уште при заграбувањето на тие делови, политичките средишта на балканските престолнини, кои ни за миг не запреле пред горките солзи на Македонецот, туку јурнаа стрмоглаво … не за да ги чуваат интересите на „ослободените”, не заради вникнување во нивните болки, туку заради растргнување на и без тоа ранетата македонска града … Кој друг би можел да ги штити македонските интереси, да придонесе за менување на неговата судбина, освен самиот Македонец? .. Македонија е предопределена да биде самостојна.“ – нагласил Јовков во весникот „Илинден“.
По убиството на Тодор Александров (31 август 1924), Арсениј Јовков ја напушта Софија и заминува за Македонија, но е убиен на 14 септември 1924 година во Горна Џумаја (Благоевград), Пиринска Македонија, од страна на Иван (Ванчо) Михајлов, кој работел за интересите и по налог на тогашната бугарска власт.