Наташа Совраноски, 25-годишна жена по потекло од Македонија, која живеела во Штутграрт, Германија, е исчезната од втори септември. Младата жена живеела заедно со партнерот и нивната едногодишна ќерка, која ја оставила со таткото и заминала во непознат правец.
Веста за нејзиното исчезнување најпрвин ја сподели нејзиниот партнер на социјалните мрежи посветени на дијспората. Инаку, тој е Германец, и за ,,Фокус,, минатата недела раскажа дека му е потребна помош во пронаоѓањето на Наташа.
Раскажа дека не знае што да мисли, дека не е сигурен дали евентуално Наташа се наоѓа во Македонија, и дека секоја информација е добредојдена.
Таткото на Наташа пак, Милчо Совраноски, кој живее во Охрид, за ,,Фокус” тогаш изјави дека смета како целата работа со објавата на апелот е избрзана.
Според него, таа најверојатно заминала по своја воља, бидејќи имала проблеми со партнерот.
Како што раскажа таткото, Наташа била вработена како обезбедување, била зрела личност, и според него, самата заминала некаде без да каже, со намера да се среди, па потоа да си ја земе и ќерката.
-Таа не се јавила никому, најверојатно бидејќи не сака да разговара со никого. Имаше несогласувања со партнерот кој не е вработен, само таа работеше, и мислам дека поради тие несогласувања си заминала. И во минатото кога одела на пример на одмор, се случувало да не ни јави, возрасна е, за нас тоа не е ништо чудно.
Тоа што ја оставила ќерката со татко и, може да значи дека заминала некаде да се среди, па потоа сигурно ќе дојде по детето, ни изјави Совраноски.
Деновиве пак, откако жената ја нема веќе 15 дена, како бројни роднини на Наташа, така и тој започна да го споделува апелот за нејзино пронаоѓање на социјалните мрежи.
Инаку, семејството Совраноски се преселило првин во Италија во 2001 година, а потоа заминале во Германија. Родителите на Наташа се разведиле, а мајка и останала да живее во Германија. Како што раскажа татко и, партнерот на Наташа ја известил мајка и и други роднини дека ја нема, но немал информација дали случајот бил пријавен во германската полиција.