1.8 C
Skopje
Friday, January 27, 2023

Ју-ес-еј, Ју-ес-еј!

Најчитани вести

Пишува: Марин Гавриловски

Оставен е јасен сигнал дека Северна Македонија е земја која е битна за САД и дека нашиот евроатлантски пат треба да продолжи, што претставува порака за оние што се обидуваат тој пат да го попречат или целосно спречат.

Добро е што Соединетите Американски Држави одлучија својот „камбек“ на територијата на Западен Балкан да го направат од Македонија, од многу причини. Прво, добро е тоа што претставниците на новата американска администрација географски знаат да ја лоцираат Македонија. Второ, свесни се за проблемите со кои се соочуваме ние, но и за отворените прашања во регионот. Трето, оставен е јасен сигнал дека Северна Македонија е земја која е битна за САД и дека нашиот евроатлански пат треба да продолжи, што претставува порака за оние кои се обидуваат тој пат да го попречат или целосно спречат.

За таа цел од Вашингтон допатуваа двајцата најзначајни дипломати задолжени за овој регион, помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот и поранешен амбасадор на САД во земјава, Филип Рикер, и заменик-помошник секретарот во Бирото за европски и евроазиски работи во Стејт департментот и српски зет, Метју Палмер, со амбиции да биде наречен „новиот Холбрук на Балканот“. Тие, заедно со целиот политички врв на земјава, но и речиси сите битни чинители во регионот, присуствуваа на првиот Преспа форум за дијалог, кој под мотото: „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“ на први и втори јули се одржа во Охрид и Преспа. Оваа прилика претставниците на Стејт департментот ја искористија да го повторат ставот дека иднината на Северна Македонија, но и на другите земји во регионот е во Европската унија и дека билатералните прашања не треба да бидат предмет, ниту пречка за отпочнување на пристапните преговори за зачленување на земјите кандидати во ЕУ.

Историска грешка
Американската дипломатија, како што тоа ѝ прилега, е јасна и недвосмислена во своите ставови, но пораките ги праќа со вообичаен дипломатски речник во границите на конвенционалното однесување на своите дипломати. Но, кога сака да прати малку поостра порака, за тоа ги користи услугите на големиот број свои поранешни службеници, а сега „независни“ аналитичари, професори, лобисти, претставници на невладиниот сектор и сл. Па така, Преспа-форумот за дијалог покрај двајцата официјални претставници на Стејт департментот „гратис“ го доби и присуството на универзитетскиот професор и поранешен член на Меѓународната кризна група за поранешна Југославија, Едвард Џозеф, кој слободно може да се каже дека го доби епитетот на ѕвезда на форумот со својата изјава дека: „Кога една земја ќе направи тоа што е побарано од неа, а ЕУ потоа не испорачува, што прв пат се случи во 2019 година кога Франција ја блокираше Северна Македонија, тоа доби соодветен назив – историска грешка. Кога ЕУ го направи тоа вторпат, сега, преку ситуацијата со Бугарија, тоа е предавство. Тоа е предавство на европските вредности. Тоа е предавство на почитувањето што го посакувате од Американците и природата на, цитирам „партнерството со ЕУ за Балканот“. Тоа е предавство. Идејата дека ЕУ ќе го „преземе“ Балканот и ќе го продолжи овој пат е фарса“.

Но, тој не застана тука, своето излагање го продолжи со тезата дека Европската Унија во овој момент нема капацитет да биде светска сила токму поради немањето на капацитет да ги реши проблемите со кои е опкружена. Според него: „Ако ЕУ цели кон тоа, а тоа е визијата, да има стратешка автономија како светска сила, мора да ги реши овие проблеми, што ме води до мојата трета поента. Тие проблеми се решливи. Овие проблеми во регионот се решливи. Ох, толку е тешко, Косово е толку тешко, Босна… Не е, не е толку тешко. Не е едноставно, не е лесно, но Никола (н.з. Димитров) и неговите грчки колеги покажаа дека може да се направи. Клучниот услов е ЕУ да биде обединета“.

Жолтата калдрма
Ако се има предвид биографијата на овој „стар лисец“ кој бил присутен на овие простори во екот на војната и распадот на поранешна Југославија, но и на многу други кризни подрачја во светот, како што се Ирак, Авганистан, Пакистан и Хаити, јасно е зошто на Џозеф му е доделена оваа задача јасно и гласно, на европска територија на Европската унија да и го каже она што САД го мислат, а не можат да го кажат официјално.

Се на сé, настапот на американските претставници на Преспа форумот за дијалог испрати јасна порака дека САД се повторно активни на Балканот и дека тие планираат да останат тука со цел да ги поддржат своите партнери (во случајов, Македонија) во остварување на нашата, а по се изгледа и американска цел, за целосно интегрирање на државава и регионот во Европската Унија. Целата оваа ситуација уште еднаш ја прави фарсична тезата изнесена од страна на официјална Софија, дека македонската политика е антизападна и проруска.

Генералскиот двоец што сега управува со нашиот источен сосед остана на своите тврди позиции, кои за волја на вистината, не најдоа поддршка ниту од претставниците на другите земји членки на ЕУ. Дали по изборите во јули, кога најверојатно со Бугарија ќе управува нов, генералско-естраден двоец, одеците на Преспа форумот за дијалог ќе стигнат до „жолтите павета“ (жолта калдрма со која е поплочен центарот на Софија каде што се наоѓаат зградите на владата, собранието и претседателството), ќе видиме многу скоро.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести