Home » Јужна Кореја: Проектилот што го истрела Северна Кореја е советско оружје од 60-тите (ФОТО)

Јужна Кореја: Проектилот што го истрела Северна Кореја е советско оружје од 60-тите (ФОТО)

by Журнал.мк

Јужна Кореја соопшти дека утврдила дека остатоците од севернокорејскиот проектил истрелан кон југ минатата недела укажуваат дека станува збор за противвоздушно оружје од советска ера, кое датира од 1960 година, пренесува АП. Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека ги анализирало остатоците од проектилите извлечени од водите во близина на источната морска граница на Кореја

Тие тврдат дека анализата покажала дека станува збор за една од севернокорејските ракети земја-воздух СА-5. Министерството објави дека сличен проектил користела руската армија за изведување копнени напади за време на инвазијата на Украина.

Проектилот, кој е едeн од над 20-те проектили истрелани од Северна Кореја минатата среда, полета во правец на населениот јужнокорејски остров. Тој слета во близина на морската граница меѓу двете Кореи и ги активираше сирените за воздушен напад и ги принуди жителите на островот Улеунг да се евакуираат.

Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека „силно го осудува севернокорејското истрелување на СА-5“, што го гледа како кршење на меѓукорејскиот воен договор за деескалација од 2018 година. Северна Кореја минатата недела истрела десетици проектили, вклучително и интерконтинентален балистички проектил што предизвика предупредувања за евакуација во северна Јапонија.

Северна Кореја ги истрела проектилите поради заедничката воздушна вежба меѓу САД и Јужна Кореја, која Северна Кореја ја опиша како „проба за инвазија“. Некои експерти велат дека е можно Северна Кореја да посегнала во својот инвентар на постаро оружје за да продолжи да лансира проектили.

Лансирањето го зголеми рекордното темпо на тестирање оружје на Северна Кореја оваа година. Ким Џонг Ун ја користи ситуацијата создадена од војната на Русија во Украина за да го забрза развојот на севернокорејското оружје и да го зголеми притисокот врз САД и нивните сојузници, пишува АП.

„Севернокорејците би сакале да ја покажат својата палета на ракетна технологија преку овие тестови, но не сите лансирања треба да ги откриваат најновите технолошки достигнувања. Можеби е во интерес на Северна Кореја да задржи некои од своите современи способности во резерва и да ги тестира во соодветни прилики. Ким игра игра, а не би било во негова корист да ги открие сите свои карти, односно различните типови на проектили што ги има неговата земја“, рече Су Ким, безбедносен аналитичар од калифорниската корпорација РАНД за АП.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More