6 C
Skopje
Sunday, May 9, 2021

Јовески: Повторената постапка за „Монструм“ ги отстрани сомнежите за монтиран процес

Најчитани вести

Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка, вели републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Деновиве Обвинителството е во фокусот на јавноста заради „Јавна соба“, но уште повеќе заради „Монструм“, случајот со петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Разговорот со републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, нѐ наврати на потегот на обвинителката Лилјана Спасовска, која во 2017 година предложи Врховниот суд да ги укине пресудите на првостепениот и второстепениот суд за доживотен затвор на обвинетите во „Монструм” и предметот да го врати на повторно одлучување. Тоа го образложи со неутврдена фактичка состојба, со евентуално постоење на прислушувани разговори кои ги поседува СЈО а кои би можеле да го сменат текот на постапката, но и поради жалбите на одбраната на осудените за вештачењата, како и за различните искази на заштитен сведок. Врховниот суд го прифати предлогот, но денес во јавноста тлее впечатокот дека повторениот процес не донесе ништо ново, освен закани кон обвинителите, и повторување на старите обвинувања за монтиран процес.

ДВ: Случајот почна со протести и обвинувања за монтиран процес, така и завршува.Од аспект на правдата, што добивме, што изгубивме?
Јовески: Пред се би сакал да кажам дека е погрешна перцепцијата во јавноста дека пресудата е укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. По жалбата на обвинетите, Врховниот суд утврди дека вистинитоста на решавачките факти се доведува под сериозно сомневање и укажа дека при повторната постапка потребно е да се изврши реконструкција на настанот и од аспект на исказот на загрозениот сведок, дека на одбраната не и е овозможен увид во возилото со што е повреден принципот на еднаквост на оружјето, но и на други околности од утврдената фактичка состојба. Според тоа, без разлика на предлогот на јавниот обвинител по жалбата, очигледно е дека во конкретниот случај и Врховниот суд утврдил дека основано е да се уважат жалбите и предметот да се врати на повторена постапка.

Не се согласувам со вашата констатација дека при повторената постапка не се доби ништо ново освен нападите врз јавните обвинители кои го застапуваат обвинението, од причина што за еден обвинет е повлечено обвинението, а за другите обвинети прецизирани се дејствијата од кривичното дело и се подведени под соодветна правна квалификација. Според тоа во оваа постапка, по мое мислење, отстранети се противречностите и сомневањата во однос на извршеното неправо и конкретната кривична одговорност на обвинетите.

Повторената постапка со утврдување на сите релевантни факти за делото на обвинетите и нивната кривична одговорност ги отстрануваат сомнежите дека се работи за монтиран процес. Обвинителството е гарант за законитоста во кривичното право и не може да премине преку случаи во кои постои сомневање во делот на утврдените факти и правилна примена на правото. Имајте предвид дека јавните обвинители, имаат обврска, не само да ги гонат сторителите на кривичните дела, туку и да ги гарантираат правата на сите странки во постапката, да бараат и изведуваат докази кои се против, но и оние кои одат во прилог на осомничените. Притоа, како што можеше да се забележи и од завршните зборови на јавните обвинители, на рочиштето кое беше јавно, обвинителството изнесе фактичка состојба која е поинаква од изложеното во укинатата пресуда и поинаква кривична одговорност на обвинетите.

ДВ: Уште пред да се изјасни Врховниот суд, во експертската јавност имаше оценки дека евентуалната нова проверка на „Монструм” ќе го провери и судството. Денес, кога тој процес е пред крај, според вас, кој го положи испитот?
Правото и правдата. Нема победници, ниту губитници во судскиот случај. Заради жртвите и оштетените, извршителите мора да се изнесат пред лицето на правдата. И тоа да е сторено на законит начин и со цврсти и издржани докази. Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка.

ДВ: Деновиве повторно е актуелен случајот „Јавна соба“, што иницираше и јавен апел од Владата до обвинителството и судот: се бара итен одговор и санкции за родовото и сексуалното насилство, институциите да постапуваат брзо, одлучно и професионално. Иако првиот случај беше обелоденет лани, тој сѐ уште се наоѓа во предистражна постапка. Кои се причините за таквото доцнење?

Oд обелоденувањето на случајот минатата година, во ОЈО Скопје оформен е предмет по кој беа издадени насоки и наредби за прибирање на потребните податоци и релевантни докази. Кривичното дело засегнува многу оштетени лица и се јавуваат поголем број на потенцијални сторители. Јавноста треба да знае, дека нашето постапувањето против правни и физички лица во странство е сложен процес, бидејќи е неопходна меѓународна правна помош и меѓународна соработка. „Јавна соба” е профил отворен на платформата Телеграм, со седиште во странска држава. Оттука, немаме законска можност да наредиме, укинеме, забраниме нејзино функционирање, ниту пак да наредиме за гонење на сторителите да ни ги дадат доказите. Според тоа, во вакви случаи преземањето на определени дејствија бара подолг временски период, но и подготвеност за соработка на странските правосудни органи. Истовремено, би сакал да напомнам дека има потреба од измени и дополнување на Кривичниот законик во овој поглед, односно потребно е законодавството да го следи современиот развој, но и развивање на соработката со надлежните странски органи. Со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме. Затоа ги подржувам предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“.
Од не помало значење е и јакнењето на јавната свест и големата улога на медиумите. Јавноста треба да биде едуцирана за потребата од заштита на сопствената приватност и приватноста на други лица и штетата која се нанесува на оштетените жртви преку вакви дејствија, објавување на нивни фотографии во сексуален контекст, особено кога станува збор за малолетни лица. Јавната свест е значајна и за охрабрување на граѓаните навремено да ги пријавуваат ваквите кривични дела, со што се обезбедуваат докази за откривање и казнување на сторителите и за ефикасен кривичен прогон.

ДВ: Владата и самата посочи дека од 23 Основни јавни обвинителства, само четири имаат истражни центри, но ги немаат потребните капацитети – не се екипирани, ниту дигитализирани, за да може брзо да ги решаваат случаите и да испорачуваат резултати. Како се снаоѓате во вакви контрадикторни услови, меѓу апелите за итност, и условите во кои функционирате? Од друга страна пак, СЈО на пример ги имаше сите услови за работа, но падна заради изгубената професионална етика на неговата шефица…
По многу години и надминување на тешкотиите, задоволен сум што од почетокот наминатата година функционални се 4 истражни центри во поголемите обвинителства. Сакам да ја нагласам и поддршката од Европската Унија преку проект кој се спроведува за јакнење на капацитетите на истражните центри и од Соединетите Американски Држави. Но, факт е дека има недостиг на човечки ресурси, јавни обвинители, стручни соработници, истражители и недостиг на опрема. Минатата година, исто така е направен позитивен чекор со обезбедување на средства за вработување на дел од неопходниот кадар за потребите на истражните центри и минимално зголемување на финансиските средства за извршување на функцијата на Обвинителството.

ДВ: Најавен е процес на филтрација во правосудството. Што очекувате тој да донесе во Обвинителството, и кои кадри ќе бидат први на проверка?

Меѓу првите укажував дека е неопходно целосно функционирање на одговорноста на носителите на правосудната дејност и проверка на нивното работење. Очекувам овој процес да ја зајакне функцијата и довербата во јавните обвинители и да го унапреди работењето на обвинителството. Одговорната и многу значајна работа на јавниот обвинител бара професионалност, неселективност, стручност и лица со интегритет кои одлуките ги носат согласно со закон. За другите нема место во јавно-обвинителските редови. Согласно со донесениот Правилник за оценување на јавните обвинители, веќе е извршено оценување на јавните обвинители кои се пријавиле на огласите за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и за Вишото јавно обвинителство. Меѓутоа, од почетокот на оваа година, започна и оценување на поединечната работа на сите јавни обвинители.

ДВ: Според вас, што може најмногу да влијае врз градењето и одржувањето на професионалниот интегритет и морал на еден обвинител или судија?

Владеењето на правото бара носителите на правосудната функција да имаат професионален интегритет и морал за вршење на значајната и одговорна функција. Јавниот обвинител мора да е широко образован, постојано да се надоградува и усовршува, да е самостоен и правичен во примената на правото.

ДВ: Имавте средба со претставници на Здружението на новинарите на Македонија, кои побараа Основното јавно обвинителство да биде поактивно во гонење на оние кои им се закануваат на новинарите и ги повредуваат нивните права. Даден е и предлог за формирање посебно одделение во Обвинителството за гонење на напади кон новинари и медиумски работници. Може ли да се надеваме дека ќе се формира такво одделение во блиска иднина?

Неколку пати имав работни средби со претставници од Здружението на новинари на Македонија. Медиумите имаат големо значење во општеството и во откривањето на криминалот. Поради нивната природа на работа често пати кон нив се вршат кривични дела. Обвинителството по примена пријава ги прибира материјалните и вербални докази за гонење на сторителите на кривични дела. Анализите на Јавното обвинителство покажуваат дека во овој момент нема потреба од формирање на специјализирано одделение за постапување по кривични дела извршени врз претставници на медиумите. Но, за постапување за кривичните дела извршени врз претставниците на медиумите мора обвинителствата да постапуваат ефикасно. Тоа го гледам преку поблиска соработка со ЗНМ за што сум целосно подготвен.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести