2.8 C
Skopje
Tuesday, December 7, 2021

Јовески нема да го посети Фејзи Азири во затвор: Имаше доволно време да достави докази

Најчитани вести

Осуденикот за случајот „Монструм“, Фејзи Азири, кој доби 15 годишна казна затвор, во последното рочиште во кое беше изречена пресудата, го повика републичкиот обвинител Љубомир Јовески и обвинителката Вилма Рускоска да го посетат во затвор во рок од 10 дена.

Причината за ова, како што тврди самиот Азири, се доказите кои ги има за тоа кој го нарачал убиството и кој го сторил истото. Според него, се работи за политички монтирано убиство кое тие не го извршиле, пишува Журнал.

Неколку дена по објавата на пресудата, Фејзи Азири од затвор упати отворено писмо, барајќи од албанските партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, да го кренат својот глас и да ги штитат Албанците, бидејќи, како што рече, Македонците се обединија да им го облечат на Албанците „елекот на терористите“. Тој упати барање до Али Ахмети, Билал Касами, Мендух Тачи, Зиадин Села и Африм Гаши да ги остават настрана политичките интереси и да се обединат за националните интереси.

Од денот на пресудата, кога Азири ги повика да го посетат во затвор, ниту Јовески ниту Рускоска го немаат посетено.

Во изјава за Журнал, државниот обвинител Љубомир Јовески рече дека осудениот Азири имал на располагање доволно долго време да го достави тоа што го поседува, но сепак, повторно има време тоа да го стори ако навистина има нешто да докаже.

Во неговиот одговор, Јовески вели дека нема да го посети Азири во затвор затоа што, како што вели, кривичните дела не се презентираат кај републичкиот јавен обвинител.

„Осуденото лице имаше можност во текот на истрагата, како и во текот на судењето кое беше јавно, да достави информации, докази на кои се повикува, а кои вели, биле поврзани со кривичното дело за кое е осуден. Тој впрочем може во кој било момент, во соодветна постапка да побара и пред надлежен јавен обвинител да пријави кривични дела на записник. Кривични дела не се пријавуваат кај Републичкиот јавен обвинител, ниту по желба кај конкретен обвинител„, изјави за Журнал, Љубомир Јовески.

Во врска со случајот, пред извесно време самиот премиер Заев рече дека невини луѓе се во затвор и дека се работи за производ на државните структури од времето на режимот на Груевски.

Осудените се сомневаат дека во случајот се вмешани Трајко Вељаноски и поранешниот висок полициски службеник Синиша Алексовски.

Сепак, овој случај беше затворен по втор пат и по втор пат обвинетите беа осудени на драконски казни. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ беа осудени на доживотен затвор, Хаки Азири на 9 години затвор и Фејзи Азири на 15 години затвор. Сами Лута беше ослободен од обвинението, бидејќи, како што изјави обвинителката Фатиме Фетаи, немаше докази против него. /Zhurnal.mk

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com