Јанева: Некој со сите сили настојува да го урне СЈО

Share on facebook
Share on twitter
Share on whatsapp
Share on google
Share on linkedin
Share on email
Share on print

Jанева тврди дека не ја злоупотребила функцијата и дека тоа што го познава лично осомничениот Бојан Јовановски и што нејзниот син работи во 1 ТВ не значи дека некој има право да ја злоупотреби нејзината службена должност.

Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска неочекувано пристигна на работа во СЈО, како што и пред една недела си поднесе оставка пред да се случи приведувањето на осомничените во предметот на ОЈО „ Рекет“ и замина на боледување. Таа во обраќањето до медиумите посочи дека не ја злоупотребила својата положба и дека покрај осомничениот Бојан Јовановски и други го злоупотребиле нејзиното име. Јанева не одговараше на новинарски прашања, туку прочита извинување до јавноста што свесно не излегла со став во изминатава недела.Таа вели дека воопшто не и било лесно да го следи јавниот линч, но решила да молчи за да не создаде впечаток дека прави притисок или дека се меша во истражните дејства.

„Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно ниту со сторување, ниту со несторување сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште ја извршувам“, изјави Јанева.

Таа ги повика правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за нејзиниот случај.

„Точно е дека јас како и многу други лица кои се на различни функции се познаваме со лицето Бојан Јовановски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека поради описот на неговото работнo место на дневна основа комуницира со лицето. Но, тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување, за евентуално да остварува одредени привилегии, или да презема незаконити дејствија“, вели Јанева.

Таа додава дека очекува низ една транспарентна и правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои како што вели, некој се обидува да и наштети на мојата чест и углед.

„За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други без да знам го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели“ истакна Јанева.

Јанева не одговори на новинарките прашања за вештачењето на нејзиниот телефон, ниту за тоа дали се точни информациите дека на аудио и видео снимки кои ги поседува Основното Јавно обвинителство се слуша дека осомничените при изнудувањето пари на спикерфон ја пуштале Јанева.

Според неа, со злоупотребата на нејзиното име, некој со сите сили се обидувал да го спречи нејзиниот реизбор и да го загрози кредибилитетот на СЈО. Таа вели дека токму со оставката и со тоа што зад себе како што вели, остава во наследство десетина завршени истраги ќе и го дадат одговорот на јавноста, зошто некој сака да ја уништи битката против корупцијата и криминалот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Јанева е , како што велат, еден од пипците на октоподот и дека без нејзина поддршка и без поддршка на премиерот Зоран Заев и други функционери, Боки 13 не би можел да рекетира милиони евра од бизнисмени.

„ Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис и дека таму се сместени најголемите криминалци во државава вклучително со нејзе. Слушнавме дека знае и за други лица кои рекетираат во нејзино име, но Јанева одлучи да ги заштити и да не каже кои се тие, практично уште еднаш покажува и докажува дека таа е соучесник и им дава поддршка на тие лица да рекетираат и да го вршат тој криминал. И практично е виновна за тоа,“ вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме од Основното јавно обвинителство засега не побарале ниту еден од тимот на специјалното јавно обвинителство да даде исказ за сомневањата околу аферата Рекет. Дополнително од ОЈО денеска соопштија дека и вториот телефон на Јанева денеска ќе биде однесен на вештачење откако вчера бил пронајден кај друго лице.

„По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок. Со цел утврдување на натамошни факти, мобилниот телефон по наредба на обвинителството ќе биде предмет на вештачење. Истовремено, се испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Арсовски побара објаснување од Јанева зошто, како што вели, лажела дека нејзиниот телефон е украден кога таа го подарила и дали со тој телефон разговарале Заев, Кики или Фрики.

За извештајот од вештачењето на првиот телефон кој пристигна вчера во Обвинителството не откриваат детали, затоа што како што велат од ОЈО , не сакат да наштетат на истрагата.

Целта на вештачењето на телефоните е да се утврди дали постои комуникација со осомничените Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески- Кичеец со која може да се докаже тргувањето со влијание, како што објаснија на првата прес конференција обвинителите при објавувањето на сомнежите во истрагата. Јовановски и Милевски се сомничат дека наводно барале рекет од бизнисменот Орце Камчев од 8 милиони евра, по што наводно му ветувале дека ќе му издејствуваат ослободување од вина во случајот „Империја“.

Инаку, Јанева од денеска се враќа на работа, односно го прекинала боледувањето од една недела, и од утре најавила дека ќе си доаѓа редовно на работа, велат од Специјалното обвинителство.

Џ.И.

Оставете коментар

Актуелно

@2019 – Новинска агенција ЖУРНАЛ. Сите права се задржани.

Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.