Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за порталот МКД.мк изјави дека неговата програма за Скопје е целосно издржана и реална, со јасно дефинирани решенија за најгорливите проблеми во главниот град.
„Скопје мора да престане да биде град на експерименти и да стане град на резултати,“ истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека неговата визија се темели на три клучни приоритети – функционален град, здрава животна средина и ефикасни јавни служби.
Тој посочи дека досегашното раководство на градот оставило зад себе нефункционален систем и хаос во јавните претпријатија, а целта на новата градска администрација ќе биде враќање на редот и професионалноста во нивната работа.
„Во првите 72 часа по преземањето на функцијата ќе започнеме голема акција за чистење на градот и воспоставување систем на ред и отчетност. Скопје заслужува да биде чист, уреден и модерен град,“ рече Ѓорѓиевски.
Во интервјуто тој подвлече дека инфраструктурните проекти ќе бидат приоритет – со изградба на нови булевари, паркинг гаражи и нови зелени зони, како и модернизација на јавниот превоз преку воведување на Градски воз и набавка на еколошки автобуси.
„Мојата програма не е листа на ветувања, туку конкретен план со рокови и механизми за реализација. Работевме на неа со експерти од повеќе области и тоа е најголемата гаранција дека Скопје ќе се движи во вистинска насока,“ додаде Ѓорѓиевски.
Со ова интервју за МКД.мк, Ѓорѓиевски ја потврди својата заложба за практична, професионална и транспарентна градска политика, насочена кон граѓаните и нивните потреби.






